Матичните лекари по убиството на нивниот колега бараат нови закони за поголема заштита и поригорозни казни

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари – Лилија Чолакова-Дервишова, во изјава за новинарите информира за денешниот, условно кажано, протест истовремено порачувајќи дека бараат да разговараат со надлежните за нови закони што ќе значат посилна заштита на здравствениот кадар.

„Денеска во знак на траор, во знак на почит кон колегата кој на грозоморен начин беше убиен на 67 години, матичните лекари од примарното здравство денеска од 12 од 16 часот нема да работата за да го подигнеме гласот, да разговараме за нови закони коишто би значеле посилна заштита на здравствениот кадар, каде што казните би биле поригорозни, со една единствена цел да се чувствува безбедно здравствениот персонал“, рече Чолакова-Дервишова.

Таа рече оти пред настанот на кратко се виделе со министерот за здравство Илир Демири, од кого на нејзиното барање за посебна средба добила уверување дека неговите врати се отворени за сите теми кои го засегаат здравството и се во насока на подобра заштита на докторската фела и целокупниот здравствен персонал.

Матичните лекари, посочи Чолакова-Дервишова, очекуваат и одговори од надлежните органи во врска со околностите во кои бил убиен нивниот колега бидејќи, како што додаде, во моментот се чувствуваат небезбедни.

„Ние не знаеме која е причината (за убиството н.з.), но докторот е убиен во кругот на здравствен дом, така што очекуваме органите на прогонот да ни кажат што се случува, инаку вака се чувствуваме небезбедни бидејќи сите имаме пациенти кои се психички нестабилни, пациенти кои се зависници, со анксиозно-депресивни состојби, биполарни растројства. Така што навистина сакаме да имаме безбеден регион и безбедна просторија и простор да можете да отидете до својот автомобил, да се вратите, да може безбедно да работите“ – вели таа.