Матичните лекари почнаа да препишуваат терапија која досега ја даваа само специјалисти

Матичните лекари од денеска почнаа да препишуваат терапија која досега ја даваа само лекарите специјалисти.

Пациентите кои имаат потреба од терапија за контрола на крвниот притисок, масти кај дијабетичарите, лекови за контрола на астма и хоб и за контрола на хипотиреодизмот можат да ја добијат со посета на матичен лекар.

Ова е една од реформските мерки кои ги најави Министерството за здравство, а денеска министерот Фатмир Меџити беше во посета на матичен лекар за да провери како оди новиот начин на работа и како се задоволни пациентите.

„Започнавме реформска мерка со која овозможуваме матичните лекари да препишуваат терапија за своите пациенти и со тоа се постигнуваат неколку суштински промени, а се олеснува и административниот товар кој досега го имаа овие лекари. Матичните лекари добро ја познаваат здравствената состојба на пациентите и развојот на заболувањето бидејќи често се во контакт со нив. Пациентите сега нема да мора да одат во Клинички центар или, пак, во секундарното или терциерното здравство каде на овој начин ќе се намали притисокот“ – рече Меџити при денешната посета на ординацијата на д-р Марта Тунџева во ПЗУ Д-р К. Атанасов.

Според Меџити анализите кои ги имаат направено им покажале дека околу 30 отсто од пациентите кои дневно доаѓаат во Клинички центар се за посета на специјалисти за продолжување на терапијата или за услуги кои со оваа реформа ќе може да ја добијат кај матичниот лекар.

„Реформата оди во повеќе етапи. Во првата етапа, откако се објавени протоколите во Службен весник, матичните лакри веќе може да препишуваат терапија. Следно што ќе биде е матичните лакри да може да направат упат за лабораториски анализи, а потоа ќе има и други мерки за чија имплементација е потребно повеќе време“ – додаде Меџити.

Според Злате Мехмедовиќ, координатор на реформите во примарната здравствена заштита ова е процес што ќе трае три години и ништо нема да се случи преку ноќ.

„Проширувањето на листата со терпија која ќе може да ја препишуваат матичните лекари ќе се одвива согласно програмата којашто е зацртана со реформите. Треба да обезбедиме пред се квалитет преку веќе искреирани протоколи кои ќе гарантираат точно кога и како може да се препишуваат одредени лекови. Тоа е пред се за заштита на безбедноста на пациентите и за правна заштита на лекарите. Сакаме да ги обезбедиме тие два аспекти за да имаме безбедно примарно здравство кое ќе се развива во вистински правец“ – рече Мехмедовиќ.

Тој најави дека до крајот на годината, една од работите за кои се размислува на Надзорен одбор каде присуствуваат и учесници се здруженијата на лекари, Лекарската комора, Македонското лекарско друштво, експерти од клиники, професори е да се дискутира за можноста за закажување кај матичен лекар преку системот на Мој термин.