Матичните лекари нема да издаваат рецепти и упати – тридневен протест

На тридневен протест се членовите на Здружението на приватни лекари на Република Македонија на кој тие ќе бидат на работните места и ќе примаат само итни случаи, но нема да издаваат упати и рецепти.

Главно барање на матичните лекари е зголемување на капитацискиот бод поради порастот на трошоците на живот.

УО на ЗПЛРМ на 27 август донесе одлука на 5,6 и 7 септември да се одржи протест на работно место – заради, како што наведуваат во објавата на веб страницата на Здружението, неприфаќање на стратешките барања од здравствените власти.

Покрај зголемување на капитацискиот бод, тие меѓу останатото бараат „електронско здравство, бришење на дестимулативната скала, зголемување на буџетите за специјалисти и лаборатории и за рурални амбуланти, да не се затвораат ординации на лекари кои сакаат да продолжат да работат над 64 години“.

Министерот за здравство Беким Сали во пресрет на протестот минатата недела изјави дека незадоволствата кои постојат меѓу матичните лекари треба да се решаваат на маса и со конкретни предлози кои ќе бидат разгледани и дискутирани, а не преку бојкот на работата.