
„Матица“ го објави најновото продолжение од најпознатиот и најбараниот серијал романи на современата шведска книжевност
Македонија е првата држава во регионот во којашто во превод се објавени сите романи за Себастијан Бергман од Микаел Јорт и Ханс Розенфелт.
Македонија е првата држава во регионот во којашто во превод се објавени сите романи од најпознатиот и најбараниот новелистички серијал на современата шведска книжевност – меѓународно најпродаваниот серијал романи за Себастијан Бергман. „Матица македонска“ во превод на македонски јазик го објави и романот „Повисока правда“ од Микаел Јорт и Ханс Розенфелт – најновото, шесто продолжение на серијалот што се издвојува како единствен од ваков формат и со ваков интерес во последниве години во меѓународни рамки, со највисоки оцени и од книжевната критика, и од широкиот читателски аудиториум.

„Повисока правда“ влезе и во најтесниот избор за најпрестижната награда за проза во Шведска, а е дел од серијал според којшто е снимена и една од најпознатите шведски телевизиски серии што го освојува и светскиот пазар. Во Македонија се објавува откако македонските читатели, во издание на „Матица македонска“ имаа можност да ги читаат и претходните пет дела од серијалот на двоецот Јорт-Розенфелт, коишто важат за едни од најбараните наслови во книжарниците и во библиотеките.
Во овој роман, психолошкиот профилер Себастијан Бергман е помирен со мислата дека неговите денови во Одделот за кривични истраги се завршени и се враќа на држење предавања и пишување книги. Тој не слушнал ништо од својата ќерка Вања четири месеци. Вања повеќе не е во државната единица за убиства. Таа живее во Упсала, каде што доби привремена работа како истражител во полицијата. Еден месец работи на истрагата за серија силувања, каде што сторителот се прикрадува на жртвите одзади, ги успива и им става вреќа преку главата пред да го заврши нападот. Кога една од жртвите умира, Себастијан Бергман се враќа во играта. Повторно заедно, членовите на тимот мора да ги остават настрана своите лични проблеми и конфликти за да го фатат бруталниот силувач кој продолжува да сее страв. На крајот, тие наоѓаат траги што укажуваат дека жртвите не биле случајно избрани. Но каква е врската меѓу нив? И зошто се чини дека толку многу луѓе не сакаат сторителот да биде пронајден?
Познавачите на овој најпознат серијал за Себастијан Бергман, токму „Повисока правда“ го издвојуваат како највозбудлив, најинтригантен, најкомплексен, а воедно и најпримамлив за читање до последната страница, меѓу сите роомани. Во издание на „Матица македонска“ сѐ уште се достапни и другите пет романи од серијалот.