Масовни акции за чистење на Чаир: Бујар Османи најави формирање на кризен штаб

➡ Веднаш по преземањето на функцијата ќе прогласам вонредна состојба за нечистотијата и ќе формирам кризен штаб, во кој ќе бидат вклучени општината, приватни компании, месните заедници, училиштата, па дури и верските заедници, рече Османи.

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на прес-конференција најави радикален пристап во справувањето со нечистотијата, која, како што рече, станала најголемата рана на општината.

Веднаш по преземањето на функцијата ќе прогласам вонредна состојба за нечистотијата и ќе формирам кризен штаб, во кој ќе бидат вклучени општината, приватни компании, месните заедници, училиштата, па дури и верските заедници, рече Османи.

„Првиот ден ќе прогласиме вонредна состојба за нечистотијата во Чаир. Зашто сакаме да направиме масовна операција за рачно и механичко чистење на Чаир. Ќе се перат сите улици, ќе се чисти секој парк, ќе се собира секој отпад што е во Чаир. И ова ќе се повторува преку масовни акции. Веќе разговарав со верските заедници и побарав од нив да ги мотивираат своите верници да бидат дел од овие масовни акции. Гимназијалците ќе треба да излезат со нас, граѓаните ќе излезат со нас, и за првпат ќе го видиме Чаир како чиста општина без ниту еден отпадок, без прав по улиците, со измиени и дезинфицирани улици“, истакна Османи.

Тој додаде дека целта не е само чистење, туку и создавање свест за заедничка одговорност за хигиената во општината.

„Кога граѓанинот ќе види дека неговиот сосед чисти улица заедно со него, потешко ќе фрли отпадок. Така постепено ќе изградиме култура на заедничка грижа за Чаир“, изјави Османи.

Причината за ваквата акција, според Османи, е алармантната состојба со хигиената во Чаир, што не е само естетски проблем, туку и проблем за здравјето на сите граѓани, особено најмладите.

„Чаир е прогласен, и врз основа на сите параметри е најнечистата општина во градот Скопје. А тоа не е естетско прашање. Не е прашање дали изгледа убаво или не, туку е директно прашање за здравјето на луѓето. Улиците на Чаир не се измиени со години. Правта на Чаир не е измиена со години. А таа прав завршува во нежните бели дробови на нашите деца и предизвикува хронични болести со кои ќе се соочуваат во текот на целиот свој живот“, рече Османи