Над 130 тела на цивили биле пронајдени во масовна гробница во украинскиот град Макарив, изјави градоначалникот на овој град – Вадим Токар.
Во телевизиско интервју Токар истакна дека повеќето тела биле ексхумирани од масовните гробници, но и дека некои се пронајдени на улиците.
Градот Макарив се наоѓа на околу 50 километри западно од Киев и пред војната имал население од околу 15.000 луѓе.
Градоначалникот додаде дека поради борбите во изминатите недели, населението се намалило на само 1.000 и дека околу 40% од зградите во Макарив се оштетени, а повеќето од нив не можат да се поправат.
„Окупаторите ја уништија речиси целата инфраструктура, бомбардираа домови и станбени згради, целосно уништија болници и градинки“ – нагласи Токар.