
Масовен ракетен напад врз Киев пред најавениот состанок Зеленски–Трамп
Низ Киев одекнуваа повеќекратни експлозии, а во градот Бровари, дваесетина километри источно од главниот град, како и во околните населени места, беше регистриран прекин на електричната енергија. Градоначалникот Виталиј Кличко соопшти дека најмалку пет лица се повредени. Пожар избувнал во населбата Голосеевски, додека остатоци од проектили паднале во Оболонски и Десњански реон.
Киев ноќта меѓу 26 и 27 декември беше цел на масовен руски ракетен напад, при што врз главниот град на Украина беа истрелани хиперсонични ракети „Кинжал“, балистички ракети „Искандер“ и крстосувачки ракети „Калибр“. Во нападот се повредени најмалку пет лица, а се случи непосредно пред најавениот состанок меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп, објави „Киев Индипендент“.
Низ Киев одекнуваа повеќекратни експлозии, а во градот Бровари, дваесетина километри источно од главниот град, како и во околните населени места, беше регистриран прекин на електричната енергија. Градоначалникот Виталиј Кличко соопшти дека најмалку пет лица се повредени. Пожар избувнал во населбата Голосеевски, додека остатоци од проектили паднале во Оболонски и Десњански реон.
Штети се пријавени и во поширокиот регион околу Киев. Во Вишгород се оштетени прозорци на една повеќекатница, додека во Бориспилскиот округ се оштетени магацини и најмалку два автомобили. Гувернерот на Киевската област, Микола Калашник, изјави дека и овојпат критичната инфраструктура била меѓу целите на нападот.
Одделно, во напад во Ивано-Франкивската област, на западот на Украина, едно лице е повредено и пренесено на болничко лекување.
По нападот од големи размери, Полска во текот на ноќта ги крена своите борбени авиони, соопштија полските вооружени сили, додека украинското воздухопловство предупреди на континуирана закана од руски дронови и ракети на територијата на целата држава.
За многумина во Киев, нападот не беше доживеан како случајност, туку како јасна порака дека битката за мир сè уште се води на бојното поле. Жителите на социјалните мрежи сведочеа за повеќекратни експлозии и за осветленото небо од дејствувањето на системите за противвоздушна одбрана. Нападот се вклопува во поширокиот образец на интензивирани руски ракетни удари во зимскиот период, често насочени кон енергетската инфраструктура, што во минатото доведе до прекини во снабдувањето со струја и греење.
И покрај нападите, од Киев потврдија дека средбата со Трамп ќе се одржи во недела. Зеленски изјави дека заедничката американско-украинска рамка за мировен план е приближно 90 проценти усогласена. Според извори запознаени со разговорите, на состанокот ќе се дискутира за безбедносните гаранции, обновата на земјата, економската соработка и нерешените територијални прашања, вклучително и иднината на Донбас и контролата врз нуклеарната централа Запорожје.
Трамп се позиционира како клучен посредник во конфликтот, а целта на средбата во неговата резиденција Мар-а-Лаго е да се финализираат основите на мировниот план. Сепак, останува неизвесно како и дали Москва ќе се вклучи во ваков процес.
Русија јавно ги отфрла разговорите, обвинувајќи ги Киев и Западот дека се обидуваат да ги саботираат преговорите и инсистирајќи дека секој договор мора да ги одразува нејзините барања, вклучително и територијални отстапки кои Украина повеќепати ги одби.
Зад затворени врати, сепак, претставници на Кремљ признаваат дека постојат индиректни контакти со американски соговорници. Висок западен функционер, говорејќи анонимно за „Киев Пост“, изјави дека потезите на Москва укажуваат оти таа е помалку заинтересирана за разговори, а повеќе за нивно моделирање во своја корист.
„Пораката од Кремљ е едноставна – тие веруваат дека преговарачката моќ се создава со експлозии, а не со компромис, и имаат намера на секоја маса за преговори да седнат со бојното поле наклонето во нивна корист“, изјави функционерот.