Секој кој поттикнал насилство онлајн ќе се соочи со целосната сила на законот, предупреди портпаролот на британскиот премиер Кеир Стармер откако Илон Маск рече дека „граѓанската војна е неизбежна” по деновите на немири во Британија.
Маск, милијардерот сопственик на X, го напишал овој коментар на неговата социјална мрежа под видео на демонстранти кои фрлаат огномети врз полицијата.
„Законот исто така се применува и на интернет. Не постои оправдување за таквите коментари. Секој кој поттикнува насилство онлајн ќе се соочи со целосната сила на законот”, изјави портпаролот на британскиот премиер, според Sky News.
„Онлајн платформите имаат одговорност”, рече тој.
Тој додаде дека им кажал на министрите и шефовите на полицијата на итниот состанок утрото дека “законот исто така се применува онлајн”.
„Така што ако поттикнувате насилство, не е важно дали е онлајн или офлајн”, рече тој.
„И затоа очекувам, како и за оние кои се директно вклучени на улиците, дека ќе има апсења и гонења. Исто така, секој за кој е утврдено дека извршил кривично дело онлајн може да го очекува истиот одговор”, рече тој.
Полицијата во Јужен Јоркшир вчера соопшти дека најмалку 10 полицајци се повредени, вклучително и еден кој изгубил свест во „ужасното насилство“ пред хотелот „Холидеј ин експрес“ во областа Манверс во Ротерхем.
Нередите низ Англија и Северна Ирска започнаа во вторникот во Саутпорт, по убиството на три млади девојки во напад со нож на час по танц.
Гневот на дел од јавноста беше предизвикан откако беше соопштено дека напаѓачот е илегален имигрант.
Властите веднаш ги демантираа лажните вести, посочувајќи дека лицето е родено во Кардиф.