Новиот сопственик на Твитер, Илон Маск, преку електронска пошта ги известил вработените во компанијата дека треба да се подготват за „тешките времиња“ и дека работата од дома е забранета, освен ако тој лично не го одобри тоа, објави денеска „Блумберг њуз“.
Новите правила, кои стапуваат во сила веднаш, бараат вработените да бидат во канцеларија најмалку 40 часа неделно, додаде Маск во мејлот во кој имала увид агенцијата во Њујорк.
Твитер е под раководство на Маск речиси две недели, за кое време тој отпушти приближно половина од своите вработени, а отказ добија и повеќето поранешни високи менаџери. Новиот шеф на оваа социјална мрежа ја подигна цената на претплата на опцијата Твитер Блу (пристап до премиум функции) на осум долари, што вклучува проверка на корисникот. Во мејл до вработените, Маск додаде дека сака претплатите да сочинуваат половина од приходите на Твитер.
Пред доаѓањето на Маск, Твитер имаше постојан договор со вработените да работат од каде било, при што многу од нив првично избраа да работат од далечина поради пандемијата. Тоа беше една од првите теми на заедничкиот состанок на Маск со персоналот на Твитер, откако тој го најави купувањето на компанијата минатата пролет. Уште тогаш рече дека е против работа на далечина и дека ќе има исклучоци од тоа правило само од случај до случај.