
Маск: Вештачката интелигенција и роботите ќе ги заменат сите работни места
Kоментарот на Маск доаѓа по веста дека Aмазон планира до 2033 година да замени 600.000 работници со роботи, во рамките на процесот на автоматизација на магацините и логистиката.
Американскиот претприемач и најбогат човек на светот Илон Маск изјави дека во иднина вештачката интелигенција и роботите ќе ги заменат сите работни места, а за луѓето работата ќе биде прашање на личен избор, не на потреба.
Во објава на својата социјална мрежа „X“, Маск ја спореди идната улога на трудот со садењето зеленчук за сопствено задоволство, нагласувајќи дека ќе постои „радост во создавањето“, но без економска нужност.
Kоментарот на Маск доаѓа по веста дека Aмазон планира до 2033 година да замени 600.000 работници со роботи, во рамките на процесот на автоматизација на магацините и логистиката.
Технолошките компании и некои инвеститори сметаат дека вештачката интелигенција ќе ја трансформира работната сила побрзо од очекуваното, додека други експерти предупредуваат дека промената ќе биде постепена, а не остар „крај на работните места“.
Според Меѓународната организација на трудот (ILO), околу 25% од сите работни позиции во светот би можеле значително да се изменат под влијание на вештачката интелигенција.
Сепак, во анализата се наведува дека најголемиот дел од работниците нема целосно да исчезнат од пазарот на трудот, туку ќе им се промени природата на задачите и начините на работа.