Милијардерот Илон Маск, ко-основач на Опен Еј-ај, компанијата зад Чет Џи-пи-ти, вели дека Чет Џи-пи-ти покажува дека вештачката интелигенција (ВИ) неверојатно напреднала.
„Тоа е нешто за кое сите треба да бидеме загрижени”, рече Маск.
„Една од најголемите закани за иднината на цивилизацијата е вештачката интелигенција“, им рече Маск на присутните на самитот на Светските влади во Дубаи, кратко откако го спомна развојот на Чет Џи-пи-ти, пишува Си-ен-би-си.
Маск изјави дека можностите на вештачката интелигенција се големи и дека тоа е позитивно, но и дека со напредокот на вештачката интелигенција доаѓа и голема опасност.
Шефот на Тесла, Спејсекс и Твитер зборуваше за вештачката интелигенција откако беше прашан како гледа на развојот на технологијата за 10 години.
Маск е ко-основач на Опен Еј-ај, американски стартап кој го разви Чет Џи-пи-ти – алатка за вештачка интелигенција која на прашањата на корисниците одговара како човек. Чет Џи-пи-ти е напредна форма на вештачка интелигенција, која работи врз основа на големиот јазичен модел Џи-пи-ти-3. Програмиран е да го разбира човечкиот јазик и да генерира одговори врз основа на огромни количини на податоци.
Маск вели дека Чет Џи-пи-ти им илустрирал на луѓето колку напреднала вештачката интелигенција. „ВИ е напредна веќе некое време, едноставно немаше кориснички интерфејс што би бил достапен за повеќето луѓе“, коментира милијардерот.
„Додека автомобилите, авионите и медицината мора да се придржуваат до регулаторните безбедносни стандарди, вештачката интелигенција сè уште нема никакви правила или прописи кои нејзиниот развој би го држеле под контрола. Мислам дека треба да ја регулираме безбедноста на вештачката интелигенција. Мислам дека тоа е всушност поголем ризик за општеството од автомобилите, авионите или лековите. Регулациите може малку да ја забават вештачката интелигенција, но мислам дека тоа би било добро“, рече Маск.
Маск долго време предупредува на опасностите од неограничениот развој на вештачката интелигенција. Тој еднаш рече дека вештачката интелигенција е многу поопасна од нуклеарните боеви глави.