Марш со молк во Кочани: Не бараме револуција за менување власт, бараме револуција за промена на колективната свест

Граѓаните на Кочани денеска организираа 60-минутен Марш со молк, како симболична почит за сите 60 лица кои починаа како последица од пожарот во дискотеката „Пулс“ што се случи минатата недела.

Граѓаните на Кочани денеска организираа 60-минутен Марш со молк, како симболична почит за сите 60 лица кои починаа како последица од пожарот во дискотеката „Пулс“ што се случи минатата недела.

Без транспаренти и тивко, колоната граѓани помина по улиците во централното градско подрачје и стигна пред зградата на Општина Кочани.

Со мотото „Молкот зборува најгласно“, стоејќи мирно, учесниците на маршот испратија симболична порака дека бараат одговорност за трагедијата којашто уништи неколку генерации млади луѓе.

На крајот од 15-минутната почит за загинатите, беше упатена благодарност до сите пријателски држави кои на лекување ги примија повредените од пожарот. Во пораката до институциите беше нагласено дека граѓанските протести и собири не се за менување власт, туку повик за менување на свеста против начинот на кој функционира целиот систем во државата.

-Ние во Кочани секогаш сме биле разумни и рационални луѓе, а проблем е што ова е гнил систем кој не функционира. Ако кренеш глава за правда ќе те избркаат од работа, ќе те наместат, ќе те затворат. Системот не функционира веќе 30 години, но ние немаме намера да рушиме власт. Оваа држава има прекрасни луѓе, но половината се во странство, а другите, нашите најдобри интелектуалци ги ставивме во дупките во земја. Сега ќе имаме и работа и фирми, но немаме деца. Не бараме револуција за промена на власт, туку бараме револуција за менување на нашата свест. Да се свестиме и да прекинеме со партиските поделби, да почнеме од овој момент да создаваме нормално општество. Во сите партии има прекрасни луѓе, но тие се во десеттиот, единаесеттиот ешалон. Што треба да се случи полошо од ова, кога веќе немаме ништо. Ако умре овој град, барем нека се спасат другите градови, рече Влатко Здравко, учесник во маршот.

Учесниците на маршот се разотидоа мирно и најавија дека ќе продолжат со собирите и барањата за институционално решавање на трагедијата во Кочани.