
Марш за женските права: Што ќе ни се ружи кога немаме за леб?
Со барање за вредносен систем што ги почитува жените, им овозможува да живеат без страв и им гарантира активна улога во општеството се одржа Маршот за женски права во Скопје. Организиран од Платформата за родова еднаквост по повод Меѓународниот ден на жената - 8 Март, маршот оваа година го носеше слоганот „Нека јадат ружи!“.
Со барање за вредносен систем што ги почитува жените, им овозможува да живеат без страв и им гарантира активна улога во општеството се одржа Маршот за женски права во Скопје. Организиран од Платформата за родова еднаквост по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, маршот оваа година го носеше слоганот „Нека јадат ружи!“.
Организаторите истакнаа дека 8 Март не е ден за симболични гестови и излитени фрази, туку за феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија. Тие потсетија дека жената не е безбедна ниту дома, ниту на улица, дека нема повеќе од 20 минути пауза во фабрика, ниту слободен ден во маркет, а споделеното родителско отсуство често не е опција. Воедно, нагласија дека на работа редовно се соочуваат со сексуално вознемирување, мобинг и сексизам.
„8-ми Март не е ден за симболични гестови и излитени фрази. Овој 8 Март не сакаме ружи. Што ќе ни се ружи кога немаме за леб? Живееме во нехуман и неодржлив систем базиран на системско силеџиство што ни ги окупира животите и ни ги ограничува одлуките и можностите. А, во кризи, товарот несразмерно ја погодува жената. Токму затоа, велиме не сакаме ружи, туку повикуваме на феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија“, рекоа од Платформата за родова еднаквост.
– Овој 8 Март е време да му се спротивставиме на силеџиството на овој систем и да ги сопреме неговите запчаници барем на еден ден. Сакаме да ги потсетиме институциите и јавноста дека повеќе нема да ги молиме полицијата и обвинителството да постапуваат навремено, туку будно повикуваме на вистинска заштита и поддршка за жртвите на родово базирано насилство и ќе продолжиме да се бориме за правда за сите жени кои го загубија животот поради системска негрижа и фемициди, посочија тие.
Маршот, исто така, повика на вклученост на жените во урбанистичкото планирање, крај на експлоатацијата и работната дискриминација, како и на отворен и еднаков пристап до образование и кариерни можности без репродуцирање на штетни стереотипи и предрасуди.
– Сакаме отворен и еднаков пристап до образование и кариерни можности без репродуцирање на штетни стереотипи и предрасуди. Нема да дозволиме бришење на родовата еднаквост од нашето образование. Поголем баланс помеѓу професионалниот живот и приватниот живот, за поголема достапност на јавни услуги за рана грижа и образование и можноста за споделено родителско отсуство. Одговорно и сензитивно родово известување во медиумите но и заштита на новинарките. Наместо да предизвикуваат сензационализам, медиумите треба да го осудуваат насилството и да ги заштитат жртвите, порачаа тие.
Меѓународниот ден на жената е глобален празник кој се одбележува секоја година на 8 март. Овој ден е посветен на признавање на социјалните, економски, културни и политичките достигнувања на жените ширум светот. Исто така, служи како повик за акција за забрзување на родовата еднаквост.