Марш за ангелите во Кочани: Нашето трпение не е неограничено, бараме јасен одговор за статусот на обвинителниот акт

Родителите и роднините на починатите во пожарот во „Пулс“ денеска на 33. Марш за ангелите директно му се обратија на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција барајќи одговор зошто е пробиен рокот за поднесување на обвинение за полициските службеници опфатени со истрагата за трагичниот пожар.

Родителите и роднините на починатите во пожарот во „Пулс“ денеска на 33. Марш за ангелите директно му се обратија на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција барајќи одговор зошто е пробиен рокот за поднесување на обвинение за полициските службеници опфатени со истрагата за трагичниот пожар.

Според нив, согласно начелата на владеење на правото, законитост и еднаквост на сите граѓани пред законот, покажале трпение и одговорност и во период од три плус три месеци не побарале информација за текот и статусот на обвинителниот акт.

-Рокот што беше јавно и институционално најавен, со краен датум до 12.12.2025, е пробиен, без доставено образложение, без официјално известување и без преземање видливи процесни дејствија, рече пред кочанските Суд и Обвинителство, Розета Блажева, сестра на починатиот Јорданчо Џамов.

Родителите и нивните семејства сметаат дека отсуството на навремена реакција и транспарентност директно ја нарушува правната сигурност, ја поткопува довербата во институциите и остава впечаток дека постои институционална толеранција кон евентуални незаконски дејствија извршени од службени лица.

-Бараме јасен одговор за статусот на обвинителниот акт, причините за пробивање на рокот утврден до 12.12.2025 и мерките што се преземени или ќе се преземат во однос на осомничените службеници на МВР. Нашето трпение не е неограничено. Во отсуство на итен и јасен одговор, ќе бидеме принудени да ги искористиме сите законски и јавни механизми за заштита на правдата и јавниот интерес. Молкот и одолговлекувањето повеќе не се прифатливи, нагласи на крајот од своето обраќање, Розета Блажева.

Денешниот протестен марш на родителите, 33 –ти по ред, се одвиваше по истата маршрута: „Парк на Револуцијата“, Трговски центар, зграда на УЈП, Полициска станица, Основен суд и Обвинителство. Маршот повторно заврши во „Паркот на Револуцијата“.