Марфи: Одлуките на пратениците за уставните измени ќе влијаат врз вашите односи со САД

Од исходот на процесот на уставни измени ќе зависат и идните односи со САД – порача американскиот сенатор од редот на демократите, Крис Марфи кој денеска е во посета на земјава.

По средбата со премиерот Ковачевски, Марфи истакна САД ќе останат партнери и сојузници на земјава, но дека процесот на промената на уставот, кој го нарече техничко прашање, се следи со големо внимание.

Ги повика властите во земјава и пратениците да продолжат на патот кон Европската Унија, и оцни дека секој поинаков чекор би бил загрижувачки за земја членка на НАТО.

-Сакам да бидам јасен, за влијанието врз односите со САД доколку Македонија се одлучи за поинаков пат. Доколку, одлучи против овие уставни измени и се оддалечи од патот кон ЕУ, би било загрижувачки за НАТО земја, земја која ние сме се обврзале да ја браниме врз основа на нашите заеднички вредности, да го сврти грбот на ЕУ. Ние сме пријатели, ние никогаш нема да престанеме да бидеме пријатели и партнери. Но, луѓето во САД, лидерите во САД ги следат одлуките кои ќе бидат направени тука во следните месеци – рече сенаторот Крис Марфи.

Според американскиот сенатор, поради војната во Украина, ЕУ е повторно заинтересиран за проширувањето што мора да се искористи.

Марфи посочи и дека ги разбира дилемите во земјава, но додаде дека истите биле поставувани и за членството во НАТО.