
Марта Кос се поклони пред жртвите од натстрешницата во Нови Сад
„Дојдов во Нови Сад за да им оддадам почит на 16-те животи изгубени во трагедијата што можеше да се спречи“, напиша Марта Кос.
Европската комесарка за проширување, Марта Кос, која е во посета на Србија, денеска отиде во Нови Сад за да им оддаде почит на жртвите од падот на натстрешницата на 1 ноември. Самата Кос го соопшти тоа на Икс.
„Дојдов во Нови Сад за да им оддадам почит на 16-те животи изгубени во трагедијата што можеше да се спречи“, напиша Марта Кос.
Еврокомесарката, која објави фотографии од неа како остава цвеќе на железничката станица, додаде дека сочувствува со жртвите и нивните семејства.
Марта Кос денес ја завршува својата дводневна посета на Србија. Денес таа ќе има средби со претставниците на опозициските парламентарни групи, а потоа и со претставниците на партиите што ја сочинуваат владејачката коалиција.
Таа вчера се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со премиерот Ѓуро Мацут и со претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ.
Во Белград, европската комесарка за проширување, Марта Кос, ја повика Владата на Србија да соработува со Европската Унија за воспоставување независно судство, слободни медиуми и изборни рамки што ќе го одразуваат ставот на граѓаните на Србија. По средбата со српскиот премиер Ѓуро Мацут, Кос на прес-конференција изјави дека Србија не може да напредува без независно судство, медиуми и изборни рамки и дека сè што Европската унија бара од Србија е „многу блиску до она што го бараат луѓето што протестираат на улиците“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објави дека ѝ укажал на Кос дека Белград е целосно подготвен да ги забрза реформите на европскиот пат. Српскиот премиер Ѓуро Мацут ѝ пренел на Марта Кос дека посветеноста на Србија кон европската интеграција е апсолутен приоритет и дека новата влада ќе продолжи со тој процес.