Марта Кос мета на обвинувања дека соработувала со југословенската тајна полиција

Европската комесарка за проширување Марта Кос се соочува со обвинувања дека соработувала со југословенската тајна полиција во 1980-тите, што таа негираше за време на сослушувањата пред комисиите на Европскиот парламент пред да ја преземе функцијата.

Европската комесарка за проширување Марта Кос се соочува со обвинувања дека соработувала со југословенската тајна полиција во 1980-тите, што таа негираше за време на сослушувањата пред комисиите на Европскиот парламент пред да ја преземе функцијата.

Словенечката европратеничка Романа Томц, потпретседателка на конзервативната Европска народна партија (ЕПП), изјави дека постојат нови докази дека Кос, која е исто така Словенка, соработувала со југословенската Служба за државна безбедност и дека побарала истрага, објави бриселскиот портал Политико.

На 10 март, Томц ја организираше промоцијата на книгата „Комесар“ во ЕП, чиј автор Игор Омерза тврди дека содржи документи што докажуваат дека Кос соработувал со југословенската тајна полиција. „Новите документи укажуваат дека Марта Кос, како кандидатка, лажела пред комисијата на Европскиот парламент, бидејќи изјавила дека никогаш не била соработник на југословенската тајна полиција“, нагласува Томц во писмо до Европската комисија што го објави на X. Томц потоа изјави за Политико дека „нешто мора да се направи со тие информации“.

Портпаролката на ЕНП изјави дека Томц ја информирала најголемата парламентарна група во Европскиот парламент за новите откритија во врска со комесарката Кос и додаде дека „тие внимателно ќе го испитаат прашањето“.

Портпаролот на Европската комисија, Гијом Мерсие, рече дека Кос „поминала низ обемна и темелна проверка“ за да стане комесар и дека Европскиот парламент го одобрил нејзиното назначување, заедно со сите други комесари.

На 22 март, Словенците ќе гласаат на парламентарните избори, на кои десничарската Словенечка демократска партија на Јанез Јанша, на која ѝ припаѓа Томц, е главен ривал на владејачката либерално-левичарска коалиција.

Марта Кос е комесар од 1 декември 2024 година. Тврдењата дека Кос била соработник на југословенската тајна полиција првпат се појавија во 2024 година за време на сослушувањето за потврда за нејзиното назначување за европски комесар.

Кос потоа ги нарече тие обвинувања лаги и дезинформации. „Никогаш не бев соработник или информатор на тајната служба на Југославија“, им рече Кос на членовите на Европскиот парламент на сослушувањето во 2024 година.

На 16 март, Кос треба да учествува на седницата на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (AFET), каде што ќе се дискутира за проширувањето на ЕУ, но вчера го информираше тоа тело дека нема да може да присуствува.