
Мароко, Шпанија и Португалија објавија заедничка кандидатура за домаќин на Светското првенство во 2030 година.
Кандидатурата ја најави мароканскиот крал Мохамед Шести, а ја прочита министерот за национално образование, предучилишно образование и спорт Чакиб Бенмуса во Кигали, каде ФИФА во четврток ќе го одржи 73-от Конгрес, пренесува Ројтерс.
Заедничката кандидатура, без преседан во историјата на фудбалот, ја претставува унијата на Африка и Европа, меѓу северот и југот на Медитеранот, но и африканскиот, арапскиот и евромедитеранскиот свет, рече мароканскиот крал.
Мароко во минатото неколку пати се кандидираше за домаќин на Светското првенство, а најблиску до организација на турнирот беше во 2010 година кога загуби од Јужна Африка.
Ова е втора официјална кандидатура за домаќин на Светското првенство во 2030 година, откако Аргентина, Чиле, Парагвај и Уругвај заеднички го направија тоа на почетокот на февруари.
Четири јужноамерикански земји побараа турнирот да се врати „таму каде што е роден фудбалот“, 100 години по одржувањето на првото Светско првенство во Монтевидео.
Се шпекулира дека Египет, Грција и Саудиска Арабија би можеле да се приклучат во трката за Светското првенство во 2030 година, пренесува Хина.
Следното Светско првенство е закажано за 2026 година во Мексико, САД и Канада, а на него за прв пат ќе учествуваат 48 репрезентации.