Бојан Маричиќ – вицепремиерот задолжен за европски прашања по повод Светскиот ден на планетата Земја, на Фејсбук напиша дека Зелената агенда претставува зелена иднина и иднина на просперитет и дека сега е време да се искористи политичката волја за европските реформи и сите да се посветиме на нејзината суштина и прашањето како да постигнеме економски раст со зачувување на планетата Земја.
„Социјалната свест за здравјето на планетата Земја треба да биде наш закон и обврска, а не само еден ден во годината. Здрава планета Земја значи здрава иднина. Затоа грижата за неа е во рацете на сите нас. Да ја сочуваме планетата Земја и да ја оставиме здрава за генерациите кои доаѓаат“ – напиша Маричиќ.
Тој вели дека процесот на зелена транзиција е напорен, долг, системски и исклучително скап, но ова е тема која ги надминува идеологиите и мора да биде предмет на интерес на сите чинители во општеството, од централното и локално ниво на власта, преку академската заедница до бизнис заедницата.
„Во таа насока, новиот инструмент на ЕУ за претпристапна помош (ИПА III), е со вкупен буџет од над 14 милијарди евра за периодот од 2021-2027 година, кој најголем дел е планиран на проекти поврзани со Зелената агенда, кои мора максимално да ги искористиме“ – смета Маричиќ.