Маричиќ: Северна Македонија е првата земја надвор од ЕУ која што успешно ја применува „Гаранцијата за млади“

„Северна Македонија е првата земја надвор од ЕУ којашто ја усвои и успешно ја применува мерката ‘Гаранција за млади’. Од воведувањето во 2018 година до денес, над 80.000 млади лица се вклучија во ‘Гаранцијата за млади’. Речиси 40% од учесниците во ‘Гаранција за млади’ добија понуда за вработување, континуирано образование и обука и беа вклучени во практикантство“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на трибината „Ние сме Европа“ во Тетово.

Тој додаде дека програмата „ЕУ за млади“ наменета за стручно образование, обука и практиканство и вработување добива директна буџетска поддршка од 15 милиони евра, а во новата ИПА III ќе има уште оклу 18 мил евра за гаранција за млади.

„Сега сакам да се обратам директно до младите: Вие сте сила, вие сте движење. Бидете гласни, за ние, носителите на одлуки да го слушнеме вашиот глас. Бидете слободни во тоа што го правите и со вашиот креативен порив заеднички ќе создадеме прогресивно општество по ваша мерка“ порача Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека младите заслужуваат подобар, европски животен стандард и заслужуваат да живеат во европска држава, дома, во својата татковина.