Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на денешниот објаснувачки скрининг-состанок за Поглавјето 16, „Даночење“, рече дека Владата и институциите работат на забрзување на реформите и подготовка на нашиот даночен систем за влез во системот на ЕУ во областа на даночењето.
„Решени сме да ги забрзаме реформите во областа на даноците, со цел целосно усогласување со европските регулативи и стандарди и подготовка на македонското општество за полноправно членство во ЕУ“, рече главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ, истакнувајќи дека имаме напредок во намалувањето на административниот товар за даночните обврзници и постапката за поврат на ДДВ, но дека треба да работиме на капацитетот на даночната и да осигуриме ефективна автоматска размена на даночни информации со земјите членки на ЕУ.
Маричиќ се осврна на важните чекори што се преземени во оваа област, во зајакнувањето на националното законодавство и оперативниот капацитет, потенцирајќи ја Стратегијата за реформа на даночниот систем 2021-2025 година, која опфаќа правично оданочување, наплата на приходи, даночна транспарентност, квалитет на услугите и зелено даночење.
На објаснувачкиот скрининг-состанок беше присутна и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, која рече дека ова поглавје ќе донесе предности за бизнисот и македонските компании, пред сè, во однос на помали административни трошоци, потранспарентен и посигурен бизнис и намалување на бирократските процедури.
„Свесни сме за предностите што ова поглавје ќе му ги донесе на општеството во целина. Размената на информации со релевантните институции на ЕУ ќе придонесе за поефикасна наплата на даночните приходи и елиминирање на даночното затајување“, истакна директорката Лукаревска.
Маричиќ во своето обраќање пред претставниците на Европската комисија посочи дека од март 2020 година спроведуваме твининг-проект „Подобрување на наплатата на приходите и даночната и царинската политика“, со цел понатамошно усогласување на даночното и царинското законодавство со релевантното законодавство на ЕУ и најдобрите практики, подобрување на економската анализа и прогнозирањето на приходите, како и моделирање и подобрување на оперативните и административните капацитети на клучните институции во системот.
За административната соработка и заемната помош, Маричиќ рече дека Владата има потпишано 49 договори за избегнување на двојното даночење и спречување фискална евазија, од кои 24 се склучени со земјите членки.