Маричиќ: Процесот на пристапување кон ЕУ де јуре и де факто започна пред два дена

Ги започнавме преговорите онака како што ветивме со заштитен македонски јазик и идентитет. Се е направено пред се заради нас, за нашите граѓани и за нашите деца да живеат подобро и да живеат како сите останати европски народи, порача денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

– Де јуре и де факто, процесот започна пред два дена на 19 јули кога ја одржавме првата меѓувладина конференција која ја означува последната етапа од нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија, рече Маричиќ на денешната прес-конференција во Владата.

Тој нагласи дека тоа е наша стратешка определба од осамостојувањето на државата која станува реалност по 21 година од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација и 17 години откако го добивме статусот кандидат за членство во ЕУ.

Маричиќ истакна дека веќе 45 отсто од нашето законодавство е усогласено со европското и додаде дека постојано се зголемуваат капацитетите за превод на македонски јазик.

– Скринигот се состои од две фази. Објаснувачки скриниг каде Европската комисија на државата кандидати и ги презентира клучните правни акти за секое поглавје и билатерален скриниг каде земјата кандидат го презентираме го презентира степенот на усогласеност на националното законодавство согласно со презентираните акти на ЕУ за време на претходната фаза, но исто така и институционалните капацитети и спроведувањето на законите, истакна Маричиќ.

Појасни дека скринингот, иако се гледа како техничка операција мора да се гледа како суштински елемент на пристапните преговори, бидејќи ја дава сликата за се што треба да направиме во годините што следат со цел да ги спроведеме реформите од ЕУ-агендата и да ги отвориме, да напредуваме и да ги затвориме поглавјата и кластерите. Според Маричиќ, скринингот по кластери и поглавја официјално почнува во септември и тој ќе се спроведува истовремено и за нашата земја и за Албанија.