Маричиќ: Поглавјето 20 е патоказ за поконкурентна економија

Денеска во Брисел се одржува објаснувачкиот скрининг состанок за Поглавјето 20, „Претпријатија и индустриска политика“, на кој вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека имаме високо ниво на усогласеност во оваа област и дека Владата е посветена на создавање поволна и атрактивна бизнис клима за инвестиции и водење бизнис, преку развивање стратешки рамки.

– Ова поглавје е патоказ за поконкурентна економија и воведува нови европски стандарди во развојот на малите и средни претпријатија, како и во индустриската политика на земјата. Процесот на преговори значи и подготвка за поврзување со големите меѓународни компании и подобар пристап до изворите на финансирање, што несомнено е од интерес на македонските компании, рече главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ.

Маричиќ истакна дека Директивата на ЕУ за борба против задоцнето плаќање, е поврзана со многу стратешки документи кои овозможуваат поволна деловна клима и принципи за економски развој и економски раст, инструменти за поддршка на конкурентноста, растот, иновациите, интернационализацијата и секторските политики, потенцирајќи дека Владата е посветена на создавање поволна и атрактивна бизнис клима за инвестиции и водење бизнис, преку развивање на стратешки рамки во оваа област.

– Ја усвоивме и Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2018-2023 година, а важно е да се спомене и дека сме во процес на развој на Стратегијата за паметна односно смарт специјализација, како нова стратегија за иновации и конкурентност. Овој документ е развиен во тесна соработка, следејќи ја методологијата на Заедничкиот истражувачки центар., а очекуваме да биде финализиран до крајот на оваа година, најави Маричиќ.

Како главниот стратешки документ, Маричиќ се осврна и на Индустриската стратегија на Република Северна Македонија 2018-2027 година, која ги интегрира мерките од Планот за економски раст и се фокусира на развојот на преработувачката индустрија.

На скрининг состанокот беше посочено дека изминатите години Северна Македонија работела на транспонирање на соодветната ЕУ легислатива во македонското национално законодавство и дека е постигнато високо ниво на усогласеност, а во тој контекст вицепремиерот Маричиќ рече дека Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска дисциплина, дополнително усогласен со Директивата за задоцнето плаќање (2011/7/ЕУ), веќе е усвоен од Владата и сега е во собраниска процедура.