Маричиќ од Собрание: Неопходен ни е политички консензус за продолжување и завршување на преговорите со ЕУ

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска присуствуваше на заедничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, на која се расправаше за Извештајот на Европска Комисија за Северна Македонија за 2022 година.

Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ, го изрази своето задоволство од одржувањето на седницата и кажа дека Владата цврсто стои на ставот дека процесот на преговори за полноправно членство со Европската Унија мора да биде инклузивен и транспарентен, со вклучување на сите општествени чинители во овој процес.

– Сметам дека ова е вистинското место, каде треба да го дискутираме Извештајот и од каде треба да доаѓаат пораките за како понатаму, особено сега, кога сме земја преговарач за полноправно членство во Европската Унија. Затоа како главен преговарач ќе иницирам воспоставување на рамка за соработка со Собранието и зајакнување на неговата улога во процесот, рече Маричиќ.

Тој додаде дека очекува целосна посветеност од страна пратениците и подадена рака за заеднички да ги надминуваат предизвиците кои следат на евроинтегративниот пат и подготвеност да го дадат максимумот за конечно реализирање на нашата тридецениска стратешка цел.

– Само обединети ќе можеме да ја исполниме оваа национална задача. Процесот на преговори е процес на целокупна општествена трансформација која допира до сите нас и до сите аспекти на општественото живеење. Затоа, верувам дека само со национален консензус и максимално вложување на Владата како носител на преговорите, но и администрацијата која е ’рбетниот столб на процесот, граѓанското општество, Собранието, бизнисите, академската заедница и сите други засегнати страни ќе ја исполниме заложбата да бидеме подготвени за полноправно членство во Унијата до 2030 година, порача вицепремиерот Маричиќ.