„Со изменетиот, прецизиран, дополнет француски предлог го добивме она за што со години се бориме, а тоа е чиста формулација на македонскиот јазик, без никакви фусноти, ѕвездички, дообјаснувања, што за нас беше најважно во зачувување на нашите национални интереси“.
Ова меѓудругото во интервју за државната МИА го вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Тој смета дека друга важна разлика од овој и претходниот предлог е тоа што преговарачкиот процес односно Меѓувладината конференција и скринингот ќе можат да се реализираме без одлагања, без дополнителни услови, без пред тоа да треба да се менува Уставот со цел внесување на трите етнички заедници.
Маричиќ говори и за унилатералната изјава во однос на јазикот и нејзините натамошни импликации во преговарачкиот процес. Смета дека Бугарија има право да поднесе унилатерална нота, мислење, како што и секоја друга земја го има тоа право.
„Тоа ќе го направи на првиот состанок на меѓувладината конференција, со давање изјава која ќе биде ставена во записникот на состанокот. И ова ќе се случи само еднаш, со што прашањето за македонскиот јазик ќе се затвори и веќе нема да се отвора. Во записникот на отворањето на преговорите двете ноти, и нашата и бугарската, ќе бидат забележени. Но, најважно е дека ние процесот на преговори ќе го водиме внатре во ЕУ институциите на македонски јазик, преговарачката рамка, сите документи ќе се преведуваат на македонски јазик, без додавки, без фусноти, без ѕвездички – чист, признаен и од цела Европа потврден македонски јазик“ рече Маричиќ.
Вели дека доказ за признавањето и користењето на македонскиот јазик во ЕУ, ќе биде Договорот за ФРОНТЕКС, кој повеќе од три години не е потпишан, со стандардна клаузула на македонски јазик.
„Ако се согласиме со овој предлог добиваме чиста формулација за македонскиот јазик во ЕУ, историските прашања и Протоколот излегуваат од преговарачката рамка и имаме механизми за решавање на прашањата со Бугарија од кои нема отстапување и можност за дополнителни забелешки или барања“ – вели Маричиќ.