Маричиќ: Немаме дилеми на кој пат треба да останеме!

„Ние како Влада немаме дилеми на кој пат треба да останеме, но очекуваме ЕУ да ги отвори вратите за почеток на преговорите за таа перспектива и таа определба добие уште посилен израз“.

Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања – Бојан Маричиќ на заедничката прес-конференција во Скопје со австриската сојузна министерка за ЕУ и уставни прашања – Каролине Едштадлер.

„Ние во првиот ден од почетокот на војната во Украина и агресијата на Путин се придруживме кон санкциите на ЕУ и на тој начин сто проценти, целосно, како држава кандидат се усогласивме со политиките на ЕУ за заедничката надворешна безбедносна политика. Тоа не беше само наша обврска како држава кандидат, туку и навистина сериозен политички и морален избор во оваа ситуација да застанеме на страната на Украина. Воопшто не е лесна таа одлука со оглед на влијанието на Русија и преку ресурсите и преку енергенсите и преку сето она што како влијание го има тука. Но, ние како држава членка на НАТО и како држава која што јасно се определила и за членство во ЕУ немаме дилеми на која страна треба да стоиме“ – изјави Маричиќ.

Тој посочи дека, за жал, Русија има активности на Западен Балкан и тоа не е скриено, а нашето МНР на пет руски дипломати им го ускрати гостопримството во текот на оваа недела. Тој смета дека стабилноста и безбедноста на Балканот се непосредно врзани и отсекогаш биле поврзани со перспективата за членство во ЕУ.

Унијата е, вели Маричиќ, носечка сила и за реформите и за промените, но и за решавање на тешките прашања на Западен Балкан вклучувајќи ги и билатералните прашања коишто ние како Северна Македонија ги имавме и со Грција и сега со Бугарија.