Маричиќ: На сите политички фактори да им стане јасно дека почеток на преговори за земјава е стратешки интерес за ЕУ!

Бојан Маричиќ – заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања на тв 21 изјави дека постои внимание и интерес од страна на Франција како претседавач, но и желба, во овој сензитивен момент, да се даде шанса и да се помогне во процесот на разговори со Бугарија.

„Се приметува зголеменото француско присуство во регионот и кај нас, во последниот период. Тоа е за нас е добро, мислам дека е добро Франција да се ангажира, нејзиното внимание да биде фокусирано на Западен Балкан, поточно на нашиот случај. Тоа значи дека треба на сите политички фактори и тука и во Бугарија да им се стави јасно на знаење дека почнувањето на нашите преговори е стратешки интерес за ЕУ, не само за нас, туку и за ЕУ и дека особено во контекст на војната во Украина, за да нема опасност со натамошна дестабилизација и загрозеност на позицијата на ЕУ во регионот. Но дали тоа има сила ќе видиме на крајот“ – рече Маричиќ.

Тој истакна дека сите предлози коишто до сега биле на маса, почнувајќи од германското претседателство, се користени во текот на разговорите исто како што биле предложени, со одредени модификации, а португалскиот предлог го потенцираше како прифатлив и нешто што се смета дека е фер решение.

„Ние сме на принципиелна позиција дека сè што ќе се договори и сè што ќе се стави во документ дека е договорено, ние немаме проблем да го имплементираме како билатерална обврска. Меѓутоа кога нешто се бара да влезе во преговарачката рамка тоа е веќе прашање за сите држави членки. А тука имаме држави членки кои не се согласуваат со тоа, а и ние не би сакале нашиот процес на евроинтеграции да се претвори во процес само за дискусија за билатерални прашање со Бугарија“ – посочи Маричиќ.