Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска во изјава за „Утрински брифинг“ вели дека не дава никакви помилувања, ниедно спорно име нема да се најде на листите.
„Министерот за правда не дава никакви помилувања. Ова се специфични помилувања по повод Нова година и листите за делумно скратување на казната ја прават директорите на затворот и се проследува на разгледување. Мислам дека дел од спорните имиња нема ни да се најдат на листите. Значи, предлог листите се од затворите а не од Министерството за правда. Тие листи поминуваат низ четири филтри“ – вели Маричиќ.
Тој смета дека е „неблагодарно е да се објавуваат имиња во рана фаза затоа што станува збор за луѓе што се осудени и имаат свои надежи. Ние ќе се погрижиме да не се најде ниедно спорно име на списоците“.
Неговиот заменик, Агим Нухиу на Фејсбук објави дека се оградува од списокот за помилувања на осуденици потпишан од министерот Маричиќ, а кој треба да биде испратен кај претседателот Стево Пендаровски.
„Предлозите на Управите на затворите за помилување на одредени затвореници кои со своите криминализирани дела ги вознемируваа граѓаните и ги разнишаа темелите на државата, никогаш нема да ја добијат мојата поддршка и не треба да имаат поддршка ниту од ресорот за правда“ – Нухиу.
На списокот за помилување од издржување на дел од затворската казна или за целосно помилување како предлог до претседателот на државата Министерството за правда има 48 лица.