Маричиќ: Извештајот за Фундаментални вредности го очекуваме во првиот квартал од 2023 година

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција го најави првиот скрининг Извештај за Кластерот „Фундаментални вредности“ кој земјава, согласно најавите од Брисел, го очекува во првиот квартал од 2023 година.

– Овој Кластер опфаќа пет Поглавја и тоа Поглавјата поврзани со владеењето на правото – 3.23 Правосудство и фундаментални права и 3.24 Правда, слобода и безбедност, како и 3.05 Јавни набавки, 3.18 Статистика и 3.32 Финансиска контрола. Во кластерот се и новите области кои се дел од преговарачкиот процес – функционирање на демократските институции, реформата на јавната администрација и економские критериуми, рече Маричиќ.

Притоа информираше дека за овој Кластер треба да се подготват три патокази кои ќе треба да ја рефлектираат политичката заложба за спроведување на клучните стратешки реформи преку дефинирање на краткорочни и среднорочни цели, и тоа: Патоказ за владеење на правото, Патоказ за функционирање на демократските институции, кој нема да биде одредница за отворање на Кластерот и Патоказ за реформа на јавната администрација, кој ќе биде и одредница за отворање на Кластерот и кој треба да се фокусира на градење на професионална администрација во служба на граѓаните и на јакнење на административните капацитети за спроведување на законите и политиките кои се усогласени со европските стандарди.