Маричиќ: Граѓанскиот сектор ќе биде дел од преговарачкиот процес со ЕУ

Бојан Маричиќ – вицепремиерот задолжен за европски прашања имаше координативен состанок со претставниците на граѓанскиот сектор, пред кои го објасни процесот на скрининг и даде краток осврт на тековните активности на Секретаријатот за европски прашања во пресрет на подготовките за скрининг состаноците, кои започнуваат за три недели.

„Убеден сум дека граѓанските организации ќе дадат значаен придонес во спроведувањето на реформите и напредокот кон членството во ЕУ. Граѓанскиот сектор е признат партнер на Владата во овој процес. Ова партнерство и искрена соработка меѓу државниот и граѓанскиот сектор е еден од предусловите за успешно искористување на структурните фондови на ЕУ“ – рече Маричиќ.

Тој на состанокот со граѓанските организации отвори дискусија за модалитетот и начинот на кој претставниците на граѓанските организации ќе бидат вклучени во овој процес, за што дополнително ќе треба заеднички да се договорат и посочи дека Секретаријатот за европски прашања веќе има ангажирано и регионален експерт преку проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија, кој би помогнал во дефинирање на соработката, поставувањето платформа за вклучување претставници на граѓанското општество во работните групи од самиот почетокот на пристапните преговори.

„Со отпочнување на неговиот ангажман, секако дека ќе бидете во блиска соработка за да може да се изнајде модел кој ќе биде во најдобар интерес на процесот. За време на целиот процес, Советот за соработка со граѓанските организации ќе биде мостот на комуникација“ – истакна Маричиќ.