Вицепремиерот задолжен за европски прашања – Бојан Маричиќ на брифинг со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во организација на Делегацијата на ЕУ ги претстави постигнатите резултати во евроинтегративниот процес и планираните активности во периодот кој претстои.
„Отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија е важно и мојата главна порака денес до сите вас би била – да не го изгубиме овој моментум, да дадеме динамика на евроинтегративниот процес и да ја обезбедиме сигурноста и стабилноста на регионот, но и на Европа“ – посочи Маричиќ.
Маричиќ истакна дека Владата активно работи на европската агенда и зацртаните приоритети, а паралелно се водат и преговорите со Бугарија во пријателска атмосфера за доаѓање до заедничко и заемно прифатливо решение, изразувајќи уверување дека плодовите од сегашната работа ќе дојдат во месеците кои се пред нас.
Во овој контекст вицепремиерот Маричиќ рече дека е крајно време сите да ги здружиме напорите и да се одржи поскоро меѓувладината седница за земјава да го започнеме патувањето кон полноправно членство во ЕУ.
Маричиќ пред амбасадорите ја истакна важноста од интегрирањето на земјите од Западен Балкан во европското семејство, за напредокот и за стабилноста не само на регионот, туку и на целиот европски континент.