„Франција покажува интерес за Западниот Балкан, тоа нам ни е доволно да веруваме дека можеме што поскоро да имаме успех“. Ова е пораката на вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ по посетата на Брисел со владината делегација.
Тој „360 степени“ вели дека е можна деблокада на пристапниот процес на Северна Македонија во Европската Унија за време на француското претседателство, односно до крајот на јуни.
Маричиќ смета дека не би сакал да оперира со датуми за тоа кога точно би можел да се откочи процесот, но смета дека францускиот претседател, Емануел Макрон, и целиот негов тим можат многу да помогнат доколку како француско претседателство го поддржат процесот.
Маричиќ потенцира дека се работи тоа да се случи што побрзо.
„Ако мене ме прашувате, требаше уште во германското претседателство тоа да се случи, така што, ние работиме на тоа да се случи што побрзо. Реков дека не се фокусираме на временски рок, се фокусираме на суштината на проблемите. Добро е и француската методологија која ја освои Европската Унија за преговорите да профункционира конечно, тоа и Франција го гледа како своја шанса. Ќе има во јуни Самит за Западниот Балкан што ќе даде и посебен осврт на темите млади, безбедност и животна средина. Значи, Франција покажува интерес за Западниот Балкан, тоа нам ни е доволно да веруваме дека можеме што поскоро да имаме успех“ – наведе Маричиќ.
Коментирајќи ја тезата дека Бугарија „си купи“ мир, барем шест месеци и дека веќе не чувствува притисок од ЕУ на тема Северна Македонија, Маричиќ вели дека никој нема луксуз за одложување.
„Општиот впечаток е дека веќе премногу време е изгубено и досега. Затоа мислам дека сите очекуваат една сериозна, брза динамика, во којашто ќе се дискутираат сите отворени прашања, во којашто ќе се бараат решенија за сите отворени прашања, но, исто така, ќе ги држиме во тек со разговорите и европските институции и државите членки, бидејќи знаеме дека одлуката за почеток на преговори, поточно за првата меѓувладина конференција се донесува едногласно, затоа треба да бидеме сите на иста страна“ – рече вицепремиерот.