Маричиќ – Вархеји: Сите во С. Македонија да застанат зад европската иднина на земјата

„Процесот на скрининг на земјава со ЕУ, следните активности во процесот на преговорите за членство и актуелната политичка ситуација во Северна Македонија“ беа меѓу главните теми на денешната средба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во Брисел со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји.

Во вистински и клучен момент ја потврдивме европската перспектива на Северна Македонија. Сега е најважно да сме фокусирани на реформите и да останеме на европскиот пат. Тоа е наша обврска и задача која им ја должиме на граѓаните, да обезбедиме просперитет и напредок на земјата, рече Маричиќ на состанокот.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, Маричиќ, кој воедно е и главен преговарач на земјава со Унијата, го брифираше еврокомесарот за проширување Вархеји за скрининг состаноците и за подготовките за билатералниот скрининг, како и за посветеноста и мотивацијата која ја имаат институциите на земјава за процесот.

Еврокомесарот Вархеји на Маричиќ му посака успешен скрининг и испрати порака да останеме силно посветени на европската реформска агенда, како и на градењето на добрососедски односи со Бугарија и напредокот во исполнувањето на обврските од страна на двете држави.

Вархеји потенцираше дека сега е најважно сите во Северна Македонија да застанат зад европската иднина на земјата и да помогнат во процесот на преговори со Европската Унија, додавајќи дека тоа е процес кој е важен за иднината на државата и процес кој носи подобар живот за граѓаните.

На состанокот беше разговарано за последните подготовки за потпишување на Договорот со Фронтекс, кој ќе биде потпишан кон средината на октомври, но и за економски теми, во пресрет на зимата која доаѓа и предизвиците со кои ќе се соочиме, предизвикани од енергетската и економската криза.