Марин: Требаше да ја слушаме Полска во врска со Русија!

Премиерката на Финска, Сана Марин денеска пред Европскиот парламент изјави дека ЕУ е „премногу наивна“ во односот кон Русија и дека требало „повеќе да ги слуша“ Полска и балтичките земји.

„Мораме да признаеме дека усвоивме премногу наивен пристап кон Русија и ги базиравме нашите очекувања за нејзиното функционирање на погрешни основи. Требаше да ги слушаме нашите полски и балтички пријатели кои живееја под советска власт“ – рече таа.

Посочи дека руската политика на користење на енергијата како оружје за „уцена“ на ЕУ е „краткогледна“.

„Русија ја уништува својата економија и иднина. Ние веќе немаме доверба во Русија. Дури и да заврши војната денес, нашата доверба нема да се врати долго време“ – додаде таа.