Маринакис: Охрабрувачка разврска е подготвеноста на дел од земјоделците за дијалог
Само искрениот дијалог ќе донесе решенија, посочи портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, карактеризирајќи го како охрабрувачка разврска ставот на дел од блоковите на земјоделците дека се подготвени за дијалог со владата, јави дописничката на МИА од Атина.
Само искрениот дијалог ќе донесе решенија, посочи портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, карактеризирајќи го како охрабрувачка разврска ставот на дел од блоковите на земјоделците дека се подготвени за дијалог со владата, јави дописничката на МИА од Атина.
Маринакис посочи дека уште од самиот почеток на протестите, „владата ги повика на дијалог, а премиерот дури и одреди конкретен датум“.
Нагласи дека владината подготвеноста за дијалог е „повеќе од искрена“ и објасни дека со поставената рамка „во најголем дел се задоволуваат барањата на земјоделците и сточарите“, како продолжение на мерките реализирани во изминатите години, „решавајќи ги децениските барања на земјоделскиот сектор“.
– Сега, иако со задоцнување, се чини дека сè повеќе претставници на земјоделците ја согледуваат потребата да седнат на маса за дијалог. Станува збор за охрабрувачка разврска. Клучно е тоа да го разберат и оние кои сè уште го одбиваат дијалогот, оставајќи ја настрана застарената логика на бесплодна конфронтација, која во голема мера ја исцрпи издржливоста на општеството. Искрениот дијалог – и само тој – ќе донесе решенија, соопшти портпаролот на грчката Влада.
Од 57 блока низ цела Грција, 14 од нив, како и четири земјоделски здруженија, по состаноците одржани вчера изразиле подготвеност за дијалог со владата, објаснувајќи дека ова не значи дека се отцепуваат од заедничкиот фронт и појаснуваат дека станува збор за иницијатива за создавање услови за започнување дијалог.
По пауза од четири дена за Божиќ и за да ги олеснат патувањата на граѓаните, земјоделците од вчера повторно ги вратија блокадите низ цела Грција, како и на граничниот премин Евзони кон нашата земја, а се очекува и за Нова година, односно од вторник до петок одново, привремено да се тргнат блокадите.
Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември, поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи, поради скандалот со европските земјоделски субвенции, а главното барање е исплатата на заостанатите субвенции.