Манчестер Јунајтед добива нов сопственик – еден од најбогатите Британци
Сер Џим Ретклиф (71) купил 25 отсто од акциите на Манчестер Јунајтед за 1,2 милијарди фунти (1,39 милијарди евра) и со тоа добил контрола над клубот, односно сите фудбалски операции. Лидерот и основач на INEOS, мултинационална компанија и една од најголемите хемиски компании во светот, го презеде управувањето со академијата и машкиот и женскиот тим од „Олд Трафорд“ по 13 месеци долги преговори.
Договорот за преземање мора да биде потврден од Премиер – лигата, а тој процес се очекува да трае меѓу шест и осум недели. Со споменатата сума Ретклиф веднаш ќе инвестира околу 300 милиони евра во инфраструктура. „Скај Спортс“ наведува дека ќе биде потребно повеќе за „Олд Трафорд“ повторно да стане елитен стадион во светот. Британскиот милијардер лично ќе ја финансира реконструкцијата.
Јунајтед е под контрола на семејството Глејзер од 2005 година кога плати 800 милиони фунти за мнозинска сопственост. Но, пред повеќе од една година почнаа да размислуваат за продажба. „Фајненшл тајмс“ објаснува дека доаѓањето на Ретклиф во клубот е одложено поради загриженоста за заштита на малцинските акционери, но изворите велат дека тие прашања се решени.
Семејството Глејзер ќе продолжи да управува со маркетинг операциите.
Заедно со Ретклиф, сериозен купувач беше и катарскиот шеик Јасим бин Хамад ал Тани, кој сакаше целосно да ја преземе контролата врз клубот. Ретклиф го немал тоа барање, но „Скај Спортс“ истакнува дека не е невозможно во иднина да го посакува истото како и катарскиот бизнисмен. Инаку, Ретклиф е сопственик и на Ница во Франција и живее во Монако.
Манчестер Јунајтед е резултатски во тешка ситуација. Клубот со години талка по заминувањето на легендарниот менаџер Сер Алекс Фергусон, а сега го води холандскиот стручњак Ерик Тен Хаг.
Тимот моментално е на осмото место во Премиер – лигата, додека во групната фаза од Лигата на шампионите го зазеде катастрофалното последно место во групата А и испадна од натпреварувањето.