Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева во вчерашното гостување во емисијата „Клик Плус“ на телевизија ТВ21 потенцираше дека набавка на нова компресорска станица е сериозно решение што би донела комплетна сигурност во однос на пружањето здравствени услуги кон пациентите.
Манолева истакна дека ја информирала Владата за состојбата со хируршките клиники и што досега е направено и изјави дека на вчерашната седница, беше донесен заклучок да се укаже на јавната установа заеднички служби за потребите на здравството на Клинички центар да спроведе итна набавка на нова компресорска станица со дислокација на компресорската станица, но и да спроведе итна набавка за нова инсталација на сите хируршки клиники во Клиничкиот центар.
„Побарав од Владата да ја задолжи јавната установа за сите овие активности кои би требало да ги спроведе да направи оперативен план за динамика и спроведување на истите, односно со точни временски рокови да даде информација кога сето ова би можело најбргу да се спроведе. Во меѓувреме, секако се работи и на утврдување на причините кои доведоа до појава на ваква непријатна миризба во операционите сали која досега не се случувала, но која сега периодично се случуваше на различни клиники во различни операциони сали, во различни временски интервали. Ова решение кое го изнаоѓаме во периодот кое е сега преодно решение, а секако може да биде и решение во еден пократок да речам временски период од неколку месеци би можело да ги задоволи потребите на хируршките клиники и хируршките клиники до изнаоѓање на конечно решение, односно до набавка на нова компресорска станица, до поставување на нова инсталација и за кислород и за компримиран воздух, тоа се два посебни доводи кои се спроведуваат би можело да биде еден од начините како ќе го надминеме целиот овој период. Сметам дека набавката на нова компресорска станица е навистина сериозно решение и би ни донела комплетна сигурност во однос на пружањето на здравствени услуги кон нашите пациенти“, рече Манолева.