Манифест на АСНОМ, 2 август 1944: „За прв пат после Самоила, македонскиот народ створи своја сопствена држава“

Меѓу донесените седум решенија, правилник и декларација се решенијата со кои македонскиот јазик се прогласува за службен јазик на македонската држава и решение со кое Илинден, 2 август се прогласува за народен државен празник на македонската држава. На првото заседание му претходело формирање на Иницијативниот одбор кој бил формиран на 2 август 1943-та година

Првото заседание на АСНОМ е симбол на македонскиот вековен стремеж за создавање на слободна, независна, демократска Република Македонија. АСНОМ е симбол на самоопределувањето, на борбата на македонскиот народ. Првото заседание на АСНОМ е одржано на 2 август 1944 година во манастирот „Прохор Пчињски“. АСНОМ е врховно, законодавно и извршно тело кое донесе значајни одлуки за развојот на македонската држава и има непроценлива вредност за граѓаните.

-Со овој врвен настан во нашата историја заврши еден долготраен период на многубројни борби, востанија, преродбенски процеси, за национална државно-правна афирмација на македонскиот народ и започна неговото живеење во своја сопствена држава, вели за МИА, Марија Живачки, виш кустос историчар и директор на НУ Музеј Куманово.

Меморијалниот комплекс АСНОМ е изграден во 2004-та година, по повод 60 годишнината од одржувањето на АСНОМ, по политичката одлука донесена по низата политички превирања кон крајот на деведесеттите години од минатиот век поради проблемите што ни ги правеше Србија околу чествувањето на 2 Август, денот на АСНОМ, во манастирот Св. Прохор Пчински кои македонските комунистички власти едноставно му го отстапиле на нашиот северен сосед. Во Музејот може да се види спомен-собата која ја доловува атмосферата од историскиот момент, трајно врежан во битисувањето на Македонците. На 2 август 1944-та беа поставени темелите на современата македонска држава, со етаблирање на Народна Федерална Македонија во рамките на Демократска Федерална Југославија. Президиумот донесе акти како решенија, правилник и декларација кои го означија институционалниот процес на градење на македонската држава.

– Денес, осум децении подоцна АСНОМ е најзначајниот историски дострел во борбата за создавање на национална држава, додава Живачки.

АСНОМ е поставен врз пожртвуваноста и идеалите на македонските борци кои се бореа против фашизмот и беа на вистинската страна на историјата со меѓународната антифашистичка коалиција. Антифашистичкото собрание е и врв на претходните страдања на македонскиот народ, на поробувањата, неправдите низ историјата.

Спомен-соба во Музејот, донесени клучни решенија, 2 август како датум со симболично значење

Во музејот во комплексот АСНОМ, посетителите, можат да ја разгледаат спомен-собата во која се опфатени детали и дел од решенијата, фотографии од заедничката прослава на народот и борците во манастирот „Прохор Пчињски“ сместен на само два километри од Пелинце.

-Оригиналните документи од првото заседание на АСНОМ се чуваат во Државниот архив на Република Македонија. Достапни за јавноста се копии од печатот и копии од дел од решенијата кои биле донесени на првото заседание. АСНОМ има непроценливо значење бидејќи се конституира за врховно-законодавно и извршно тело со највисоки ингеренции на државната власт, рече Живачки.

Меѓу донесените седум решенија, правилник и декларација се решенијата со кои македонскиот јазик се прогласува за службен јазик на македонската држава и решение со кое Илинден, 2 август се прогласува за народен државен празник на македонската држава. На првото заседание му претходело формирање на Иницијативниот одбор кој бил формиран на 2 август 1943-та година.

– Овој датум има исклучително значење за тогашните македонски граѓани и не случајно е избран. Самиот АСНОМ се темели на верувањата, на пожртвуваноста, борбеноста на Илинденците, на вредностите и Илинденското востание кое се одржало на овој датум 1903-та година, изјави Живачки.

Подготовки за одржување на АСНОМ

Иницијативниот одбор имал задача да почне со подготовките на заседанието, преку формирање на народно-ослободителни одбори на кои се бирале делегати. Според упатството донесено од Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија биле дадени насоки како да бидат избрани лицата: да бидат истакнати со својата работа во НОБ и да уживаат доверба во народот.

-Делегатите биле од различна краишта на Македонија и од пиринскиот и од егејскиот дел на Македонија, биле избрани 115 делегати, а на заседанието присуствувале 60. Првото заседание се одржало во манастирот и го отворил најстариот член, Панко Брашнаров кој ги поздравил присутните, укажувајќи дека „душата ми е преполна со радост и дека е жив сведок на двата Илиндени“. На президиумот биле избрани претседател Методија Андонов Ченто, за потпретседатели-Панко Брашнаров и Емануел Чучков, за секретари-Љубомир Арсов и Владимир Полежиновски, имало 17 члена. Записничар бил Киро Глигоров, кој воедно е првиот претседател на самостојна Македонија од 1991 година, рече Живачки.

Одборот имал и други функции раководење, поврзување на народноослободителни одбори, испраќал прогласи до македонското население, го информирал граѓанството за подготовките за одржување на антифашистичкото Собрание, соработувал со Врховниот штаб на НОВ на Југославија. Во тој историски момент, Иницијативниот одбор бил највисок орган на народната власт во Македонија.

Манастирот Прохор Пчињски бил одбран за одржување на заседанието, бидејќи во тој момент, била една од малкуте ослободени територии која се протегала помеѓу Куманово, Крива Паланка и Врање. Подготовките за свикувањето на Првото заседание на АСНОМ биле извршени во училиштето во кумановското село Рамно, сместено во Козјачијата. Таму подоцна е одржана и првата седница на Президиумот на АСНОМ на 6 август 1944-та година.

Прво заседание на АСНОМ

Првото заседание на АСНОМ е одржано на 2 август 1944 во манастирот, почнало во попладневните часови, а го отворил најстариот член, Пано Брашнаров. Салата каде се одржало заседанието била украсена со македонски и југословенски знамиња, со слики од Гоце Делчев, Јосип Броз Тито, Черчил, Рузвелт и Сталин.

-На заседанието биле присутни и претставници на американската и англиската воена мисија и највисоките претставници на Врховниот штаб на НОВ и партизанските одреди на Македонија. Присуството на сојузниците покажува доверба и легитимитет со кој се признава политичката волја и право на сопствена држава, рече Живачки.

Од заседанието до народот бил упатен и Манифестот на првото заседание на АСНОМ во кој меѓу другото се вели дека е остварен „вековниот идеал на македонскиот народ и „за прв првпат после Самоила, македонскиот народ створи своја сопствена држава, за прв пат македонскиот народ ќе се почувствува во Македонија како во своја куќа и за прв пат станува слободен народ во слободна држава…“ Тоа е најголемата придобивка во историјата на народот, спечалена во гигантскиот антифашистички фронт со крвта на најдобрите синови на Македонија и со помошта на другите народи на Југославија, осигурена во нова, федеративна заедница на народите на Југославија“. Заседанието испратило и проглас за одржаното заседание, а бил формиран и Президиум.

Донесени решение за воведување на македонски за службен јазик и декларација за основни права на граѓани

Придобивките од заседанието се далекусежни, донесените решенија го отсликуваат македонскиот народ, неговата волја за слобода, независност, напредок, но и промовираат заедништво, рамноправност.

На Президиумот биле донесени решенија но и декларација, за основите права на граѓанинот на демократска Македонија, во која сите граѓани се еднакви и рамноправни пред законите без разлика на припадноста, осигурани им биле правата на малцинствата, на секој граѓанин му е загарантирана слобода, слобода на говор, вероисповед, слобода на здружување, избирачко право и друго, клучни постулати на кои се темели секоја демократска и слободна држава.

Едно од клучните се и решенијата за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава и прогласување на Илинден – 2 август за народен државен празник на македонскиот народ и македонската држава, како симбол на сите негови борби за неговото конечно ослободување од вековното ропство и (за) создавање на слободната и суверена Федерална македонска држава. На заседанието бил донесен и правилник за работа на Антифашистичкото собрание.

– Во постојаната музејска поставка која се наоѓа во центарот на Куманово, посетителите можат да го видат знамето од илинденскиот период кое ексклузивен експонат од востанието и печатот на македонската револуционерна организација за тогашната кумановската околија. На поставката може да се види и оружје од втората светска војна, вели Живачки.

Меморијален центар АСНОМ

Меморијалниот центар, сместен покрај реката Пчиња во селото Пелинце (општина Старо Нагоричане) ги доловува сите моменти од првото заседание на АСНОМ. Културно-историскиот комплекс сместен на два километри од оригиналното место каде се одржало првото заседание во манастирот „Прохор Пчињски“. Патот до комплексот е релативно кривулест, води низ недопрена природа на козјачијата опкружен со сенки од околните дрвја.

Комплексот зафаќа површина од 8,5 хектари, опфаќа игралишта, ресторан, амфитеатар и музеј на АСНОМ. Проектант на Меморијалниот центар е архитектот Георги Констатиновски. На фасадата на музејот се наоѓа мозаик од 140 квадратни метри „Македонија“ дело на Рубенс Корубин. Во музејот се наоѓа копија на собата во манастирот „Прохор Пчински“, во која се одржало првото заседание на АСНОМ, до неа е и спомен-собата во која се изложени документите од создавањето на македонската држава.

-Во пресрет на празнувањата на двата Илиндена, должни сме да истакнеме дека во темелите на сите наши досегашни остварувања, победи и успеси, во сите домени на нашето живеење, вградени се темелите од Илинден 1903 и АСНОМ 1944 година. Тоа е дело со кое можат да се гордеат сите наши генерации. Историјата не е само минато, таа е темел врз кој ја градиме иднината. Ве повикувам, посетете ги музеите кои се живи сведоци на историјата и индентитетот, вели Живачки.