
Манаскова за МИА: Современата археологија не се темели на сензационализам, туку на одговорен и систематски пристап
Јасна и возбудлива слика за континуитетот на животот на Скопското Кале, од праисторијата до османлискиот период, ќе прикажат постојаните поставки кои се подготвуваат за музеите на Скопското Кале, што е најголем инвестициски проект на Археолошкиот музеј во 2026 година. Проектот го работат заедно со Управата за заштита на културното наследство (УЗКН), која ги довршува градежните зафати на музеите. Во моментов се прави ревизија на материјалот од капиталните археолошки истражувања на Калето што беа реализирани од 2007 до 2016 и од него ќе се изберат предметите што ќе бидат изложени во музеите.
Јасна и возбудлива слика за континуитетот на животот на Скопското Кале, од праисторијата до османлискиот период, ќе прикажат постојаните поставки кои се подготвуваат за музеите на Скопското Кале, што е најголем инвестициски проект на Археолошкиот музеј во 2026 година.
Директорката на Археолошкиот музеј, Магдаела Манаскова, изјави дека поставките ќе вклучат оригинални артефакти, дигитални реконструкции и едукативни содржини, со посебен акцент на достапноста за различни категории публика.
Проектот го работат заедно со Управата за заштита на културното наследство (УЗКН), која ги довршува градежните зафати на музеите. Во моментов се прави ревизија на материјалот од капиталните археолошки истражувања на Калето што беа реализирани од 2007 до 2016 година и од него ќе се изберат предметите што ќе бидат изложени во музеите.
-Паралелно, се работи на нивна концептуализација, која се базира на современи музеолошки принципи – интерактивност, наративност и мултимедијален пристап, вели Манаскова во интервју за МИА.
Археолошкиот музеј наскоро ќе отвори и нова нумизматичка поставка, што ќе биде централен настан на одбележувањето на Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај.
Годинава ќе се работи на 16 археолошки проекти во државата, од кои две се подводни археолошки истражувања во Охридското Езеро – на локалитетите Врбник и Пенелопа. Археолошкиот музеј минатата година формираше одделение за подводни археолошки истражувања, како и одделение за применета археолошка наука и технологии.
Еден од клучните сегменти во работата на Музејот, кој чува речиси половина милион предмети, е конзервацијата на движното археолошко наследство. Манаскова укажува дека се соочуваат со недостиг од конзерватори специјализирани за различни материјали.
-Овој проблем не е изолиран, туку е резултат и на недоволно развиени образовни програми во оваа област, што го ограничува создавањето нови генерации стручњаци за конзервација на движното археолошко наследство, посочува директорката на Музејот и смета дека е неопходно системско решение преку воведување и развој на образовни програми и обуки, во соработка со високообразовните институции.
Археолошкиот музеј и натаму го задржува статусот на најпосетувана музејска институција во државата. Интерес од посетителите има за разни теми, но најсилно реагираат, вели Манаскова, кога предметите се ставени во контекст и зад нив стои приказна што им овозможува да се поврзат со минатото.
Во однос на археолошките истражувања, пак, таа додава дека тие не се потрага по богатство, туку пред сè научен процес насочен кон откривање, документирање и интерпретација на материјалните траги од минатото.
-Современата археологија не се темели на сензационализам, туку на одговорен и систематски пристап, кој подразбира и соработка со сродни научни дисциплини, примена на нови технологии и активно вклучување во заштитата и презентацијата на културното наследство, истакнува директорката на Археолошкиот музеј во интервјуто за МИА.
Најголем инвестициски проект на Археолошкиот музеј во 2026 година се постојаните поставки во музеите на Скопското Кале. Дали почна нивната изработка и како ќе бидат конципирани?
-Постојаните поставки на Скопското Кале претставуваат еден од најзначајните стратешки проекти на Археолошкиот музеј во 2026 година. Проектот е финансиран од Министерството за култура и туризам, а го работиме заедно со Управата за заштита на културното наследство, кои ги довршуваат градежните активности на музеите. Мора да нагласам дека работите се усложнети поради децениската негрижа и запуштеност на музеите, но и на целиот локалитет. Во 2017 година без никакво образложение овој проект е прекинат и освен за музеите, евидентно е и комплетно отсуство на грижа и за движниот археолошки материјал.

Со одлука на Владата, целокупниот материјал од капиталните археолошки истражувања реализирани на Скопско Кале во периодот од 2007 до 2016 му е даден на користење на Археолошкиот музеј како матична музејска установа за движно археолошко културно наследство. Во моментов комисија составена од вработени кустоси во нашиот музеј, кустоси од Музејот на град Скопје и вработени во УЗКН работат на ревизија на материјалот за да се постапи според одлуката на Владата. По завршувањето на овој процес, ќе се пристапи кон селекција на предмети кои ќе се изложат во музеите.
Паралелно, се работи на нивна концептуализација, која се базира на современи музеолошки принципи – интерактивност, наративност и мултимедијален пристап. Целта е посетителите да добијат јасна и возбудлива слика за континуитетот на животот на Калето, од праисторијата до османлискиот период. Поставките ќе вклучуваат оригинални артефакти, дигитални реконструкции и едукативни содржини, со посебен акцент на достапноста за различни категории публика. Координатор на проектот е проф. д-р Драги Митревски, долгогодишен истражувач на скопската тврдина, а вклучени се околу 30 кустоси, документатори, конзерватори, архитекти, дизајнери и надворешни соработници.
На колку археолошки локалитети ќе се работи годинава и има ли некој што е приоритетен?
-Годинава ќе се работи на вкупно 16 археолошки проекти низ државата. Вкупната инвестиција во дејноста, поддржана од Министерството за култура и туризам изнесува 10.350.000 денари.
Ќе се доистражува римскиот каструм на локалитетот Исар во село Марвинци, некрополата од архајскиот период кај с. Корошишта, Голема Пешт – с. Здуње, некрополата Мали Дол – с. Тремник, неолитската населба Споменик кај с. Црничани, локалитетот Ограѓе, с. Орман, локалитетот Градиште, с. Долно Лакочереј, Големо Градиште – Коњух, вклучително и некрополата Кшла, Виничко Кале, Стакина Чешма, Тумба Сред Село – с. Дренок, локалитет Градот, с. Горни Дисан, а ќе реализираме и две подводни археолошки истражувања во Охридското Езеро – на локалитетите Врбник и Пенелопа.

Во таа насока би сакала да истакнам дека Археолошкиот музеј е прва институција во државата која минатата година формираше одделение за подводни археолошки истражувања, како и одделение за применета археолошка наука и технологии, со цел унапредување на научноистражувачката дејност и усогласување со современите трендови во археологијата. Со доекипирање и доопремување на одделенијата, ќе направиме значаен исчекор кон трансформација на музејот во современа научна и истражувачка институција каде археологијата не е само интерпретација на минатото, туку и динамична, интердисциплинарна наука базирана на технологии и прецизни анализи.
Археолошките истражувања не претставуваат потрага по богатство, туку пред сè научен процес насочен кон откривање, документирање и интерпретација на материјалните траги од минатото. Нивната основна цел е да придонесат кон подлабоко разбирање на историските процеси, културите и начинот на живот на луѓето во разни периоди.
Во таа насока, истражувањата се спроведуваат по строго утврдени научни методологии, со акцент на зачувување на контекстот на наодите, нивна стручна обработка и долгорочна заштита. Секој откриен предмет има вредност не како изолиран артефакт, туку како дел од поширока слика која ни помага да го реконструираме минатото.
Затоа, современата археологија не се темели на сензационализам, туку на одговорен и систематски пристап, кој подразбира и соработка со сродни научни дисциплини, примена на нови технологии и активно вклучување во заштитата и презентацијата на културното наследство.

Што ќе биде во фокусот за конзервација и реставрација и дали Музејот располага со кадар и опрема за овој сегмент во неговата мисија да го промовира културното наследство?
-Конзервацијата на движното археолошко наследство е еден од клучните сегменти во работата на музејот, особено ако се има предвид дека институцијата чува речиси половина милион предмети. Како матична установа, музејот не се грижи само за сопствените збирки, туку обезбедува стручна поддршка и услуги и за други институции во државата, што дополнително го зголемува обемот и одговорноста на оваа дејност.
Сепак, еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме е недостигот на стручен кадар, особено на конзерватори специјализирани за различни материјали. Овој проблем не е изолиран, туку е резултат и на недоволно развиени образовни програми во оваа област, што го ограничува создавањето нови генерации стручњаци за конзервација на движното археолошко наследство.
Токму затоа, покрај тековното јакнење на кадровските капацитети, неопходно е системско решение преку воспоставување и развој на соодветни образовни програми и обуки, во соработка со високообразовните институции. Само на тој начин може да се обезбеди долгорочна одржливост и квалитет во заштитата на културното наследство.
Во меѓувреме, музејот активно работи на подобрување на условите за чување и третман на предметите – во тек се активности за унапредување на депо-просторите, како и за проширување и модернизација на конзерваторската лабораторија, со цел да се одговори на зголемените потреби. Годинава ќе работиме на неколку конзерваторски проекти, односно археолошки материјал од неколку локалитети и збирки за кои е завршена процедурата во согласност со законот за заштита на културното наследство.
За 18 Мај – Меѓународниот ден на музеите подготвувате нумизматичка изложба – што ќе биде претставено?
-По повод 18 мај – Меѓународниот ден на музеите, подготвуваме програма која ја поврзува научната вредност на збирките со современи начини на нивна презентација пред јавноста.
Централниот настан ќе биде отворањето на новата нумизматичка поставка, во која ќе бидат изложени над 4000 репрезентативни примероци од антиката и од средниот век. Оваа поставка не е значајна само по својот обем, туку и по можноста преку монетите да се следат економските, политичките и културните процеси низ вековите.
Паралелно, ќе се одржи и модната ревија „Модата во минатото“ како еден поинаков, интерактивен пристап кон интерпретација на културното наследство. Преку реконструкции на облека инспирирана од археолошките наоди, посетителите ќе имаат можност да го доживеат минатото на подинамичен и визуелно привлечен начин.
Со овие настани сакаме да покажеме дека музејот не е само место каде што се чува наследството, туку и простор каде тоа се оживува, интерпретира и доближува до современата публика.
Колку посетители доаѓаат годишно во Археолошкиот музеј и што најмногу ги интересира од поставките?
-Музејот и понатаму го задржува статусот на најпосетувана музејска институција во државата, што е значаен показател за неговата видливост и атрактивност. Карактеристично е што најголем дел од посетителите се странски гости, што го позиционира музејот и како важна точка на културниот туризам.

Истовремено, свесни сме дека постои простор за поголемо вклучување на домашната публика и токму на тоа активно работиме. Минатата година со новата постојана поставка направивме исчекор во современата интерпретација на наследството, а оваа година воведуваме и нови формати – ВР-искуство во дел од поставката, како и интерактивни игри кои ја прават посетата подинамична, особено за помладата публика.
Што се однесува до интересот на посетителите, тој не може да се сведе на една тема – археологијата сама по себе нуди широк спектар на приказни. Но, она што го забележуваме е дека посетителите најсилно реагираат кога предметите се ставени во контекст – кога зад нив стои приказна, човечка димензија и можност да се поврзат со минатото.
Хатка Смаиловиќ
Фото: Фросина Насковиќ