Мал авион удри во далновод, над 100.000 луѓе останаа без струја во Мериленд

Најмалку 117.000 луѓе останаа без струја откако мал авион удри во далновод во американската сојузна држава Мериленд, соопштија тамошните власти.

Спасувачите ја забрзале мисијата за спасување на две лица од авионот кои биле заробени на висина од околу 30 метри.

Шефот на противпожарната и спасувачка служба во Монтгомери, Скот Голдстајн изјави дека пилотот Патрик Меркл (65) и патникот Иан Вилијамс (66) биле спасени по полноќ со „сериозни повреди“ и пренесени во локалната болница.

Тој рече дека пожарникарите ќе го отстранат авионот и повторно ќе ги поврзат каблите на далноводот, објави весникот „Њујорк тајмс“.

Голдстајн не прецизираше со какви повреди се здобиле пилотот и патникот, но изјави дека станува збор за „прашање со хипотермија“, како и за „ортопедски и трауматолошки повреди од сударот“.

Засега не е познато што довело до инцидентот.