
Четири месеци по објавата на документарниот филм „Нечиста крв“ доктор Жан Митрев, заедно со неговите двајца адвокати одржа брифинг за новинари во неговата клиника. Повод за средбата со медиумите рече дека е молкот на институциите, кои досега не излегле со конкретни наоди дали болницата прекршила одредени закони за време на пандемијата.
Доктор Митрев рече дека болницата трпела финансиски штети, а дека тој и вработените во последните месеци поминувале низ голгота со проверките од страна на истражните државни органи.
Брифингот со новинари се случува во пресрет на екстензивна истрага за „Измама на пациенти“ во клиниката Жан Митрев водена од Јавното обвинителство – Скопје. И непосредно пред одлуката од страна на Граѓанскиот суд – Скопје за тужбата за клевета и навреда кон новинарите на ИРЛ.
Клучните пораки кои сопственикот на болницата ги испрати до јавноста беа дека не е воен профитер, не вршел клинички испитувања и хемофилтрацијата ја користел во строго пропишани услови.
Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) му поднела прекршочна пријава на доктор Митрев затоа што клиничките испитувања кои ги вршел врз КОВИД пациенти не биле пријавени.
Законот предвидува парична казна од 50 илјади евра доколку не ги почитувал строгите правила за вршење на клинички испитувања. Испитувањето мора да биде одобрено и мониторирано од Клиничка и Етичка комисија во МАЛМЕД. А, пациентите мора да бидат известени дека се дел од клиничко испитување и третманот е бесплатен.
Адвокатите на Жан Митрев тврдат дека клиниката немала потреба да ги пријави клинички испитувања за користење на хемофилтрација кај КОВИД пациенти, затоа што всушност не станувало збор за вистински клинички испитувања.
„Станува збор за обичен напис, обична статија, каква што обврска имаат да прават сите здравствени установи, особено во услови на пандемија и светска криза. Да информираат и доставуваат информации до сите медиуми со цел да се врши размена на сознанија и искуства“, вели еден од адвокатите на доктор Жан Митрев.
Тој додаде дека е неспорно дека трудовите се објавени во меѓународни публикации, но дека поради техничка грешка истите се означени како студии.
Клиничкото испитување за користење на хемофилтрација кај критични КОВИД пациенти е објавено во јули 2020 година. На самата публикација е наведено дека станува збор за клиничка студија која има за цел да докаже дали хемофилтрацијата има позитивни ефекти доколку се користи кај КОВИД пациенти.
Доктор Митрев во интервју за телевизија Канал 5 во август 2020 година се пофали дека болницата веќе има направено студија која им користи како поткрепа за лекување на КОВИД пациенти во критична состојба.
„Ние веќе ги имаме бројките, нашата прва студија ја објавивме и меѓуародно и има научна поткрепа“, изјави Жан Митрев во август 2020 година во интервју за емисијата „Само вистина“.
Во текот на истражувањето ИРЛ пронајде пет клинички студии во кои учествувала болницата „Жан Митрев. Студиите се објавени во периодот од јули 2020 до септември 2021. Целта на сите е да се докаже бенефитот од третманот хемофилтрација со „Оксирис“ филтрите на американската фармацевтска компанија „Бакстер“.