Малдини: Се обидовме да го донесеме Меси во Милан

Поранешниот директор на Милан, Паоло Малдини изјави дека клубот десет дена се обидувал да го ангажира Лионел Меси кога тој ја напуштил Барселона.

„Десет дена се обидувавме да го донесеме Меси во Милан, но потоа сфативме дека тоа е невозможно. Сега е предоцна, но гледањето играч како Меси е спектакл. Кога прочитав дека може да оди во Интер, се исплашив“, изјави Малдини за подкаст, пренесуваат италијанските медиуми.

Аргентинскиот фудбалер беше слободен играч кога во летото 2021 година му истече договорот со Барселона, која немаше пари да го пререгистрира.

По неколку недели неизвесност, Меси потпиша договор со Пари Сен Жермен, по две години го напушти клубот и летово потпиша за Интер Мајами.

Малдини, кој се повлече од функцијата менаџер на Милан во јуни, беше прашан и за трката за титулата во Серија А.

Интер веќе победи“, изјави Малдини, пренесува Бета.

По 12 кола во Серија А, Интер е прв на табелата со 31 бод, Јувентус е втор со два бода помалку, а Милан е третопласиран со 23 бодови. Актуелниот шампион Наполи е четврти со 21 бод.

Малдини рече дека е „пензиониран“ откако беше отпуштен на Сан Сиро и додаде дека работата на директорот била стресна.

„Има огромна разлика помеѓу тоа како ја доживувате играта како играч и како менаџер. Најлошо е кога си на трибините и страдаш поради резултатите и не можеш да влијаеш. Тоа страшно ме изнервира“, изјави Малдини, кој за Милан одигра 901 натпревар од 1985 до 2009 година и освои бројни трофеи.

Тој рече дека никогаш нема да биде тренер.

„Гледав татко ми како секогаш има спакуван куфер и знам каков е тој живот“. Кога ја завршив кариерата, барем знаев што нема да правам“, изјави Малдини.