Макфест годинава без награди, но со единствена цел – да произведат квалитетни мелодии

Со кревање на макфестовското знаме, во петокот почна 37. издание на Фестивалот на забавни мелодии Макфест. Годинава Макфест немаше натпреварувачки карактер, „туку имаше за цел да произведе квалитетни мелодии кои ќе останат запаметени и слушани“.

Првата вечер помина во знакот на новите музички имиња, додека пак втората вечер, беше ревијална. Настапија Боно и Кристина Димитри, Деа, Мелани Тарчуловска, Јуле Николовска, Марија Спасовска, Блеа, додека на втората вечер се појавија и познатите имиња Ламбе Алабаковски, Тамара Тодевска, Андреа, Викторија Лоба, Ален Исламовиќ.

Ристо Самарџиев, човекот кој во својата макфестовска колекација ги има сите главни награди и како изведува и како автор, ја отвори ревијалната вечер со поинаков аранжман на „Таму кај што си”, победничката песна од 1997, а победи и во 1999 година, како и во 2007 и во 2009 година, кога настапуваше во дует со Ирена Крстевска, односно со Дуле и Коки. Макфест со години беше негов втор дом. На првата вечер, свое шоу имаше и Игор Џамбазов.

Помеѓу имињата на авторите, годинава беа застапени Роберт Билбилов, Игор Џамбазов, Иле Спасов, Иван Јованов, Лазар Цветковски, Александар Масевски, Владимир Дојчиновски, Елвир Мекиќ, Весна Малинова, Кристијан Габроски. Годинава, за прв пат после долги години, првата вечер беше изведена на плејбек.

Годинава, фестивалот беше поддржан со околу 100 илјади евра, и тоа 4,5 милиони денари обезбедени од Општина Штип и 1,5 милиони денари од спонзори. Меѓу многуте познати музички звезди, се уфрли и една спортска, ракометарот Борко Ристовски, голманот на Вардар. Тој беше најавувач на еден блок музички гости кои ќе настапат, заедно со Лила Филиповска и Миланка Рашиќ.

Водители беа Димитар Атанасовски и Маријана Станојковска. Иако годинава наградите изостанаа, Макфест не може да помине без старата добра традиција на сечење на фестивалската торта.

Првото издание на Макфест се одржа на 18 октомври 1986 година, како изведувачка музичка манифестација. Целта на Макфест беше стимулирање на домашното творештво, што резултираше со редица на македонски талентирани музички дејци, од кои излез цела пејада на реномирани пејачи, автори на музика, текст, аранжман, кои многу го збогатиле македонскиот музички фонд.

Членувањето на Макфест во ФИДОФ (Светска федерација на фестивалски организации), му овозможи да се афирмира и пошироко од својата земја. Бројни беа настапите на македонските автори на големите сцени во Белорусија, Русија, Египет, Турција, Ирска, Романија, Франција и други земји, претставувајќи дел од естрадната култура на Македонија пред европските слушатели.