Макрон: Путин не бара мир, туку капитулација на Украина

Во однос на Русија, Макрон беше јасен: „Мислите ли дека претседателот Путин сака мир? Ако ме прашувате мене – не. Тој сака капитулација на Украина. Тоа е она што го предложи“.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека целта на средбата во понеделник во Вашингтон, меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот лидер Володимир Зеленски, е претставување на заеднички фронт на Украина и европските сојузници.

„Ако денеска покажеме слабост пред Русија, всушност поставуваме основа за идни конфликти“, рече Макрон по видеоконференцијата на „Коалицијата на подготвените“, каде што западните сојузници на Киев повторија дека се залагаат за траен мир и почитување на територијалниот интегритет на Украина.

Францускиот претседател нагласи дека нема да има разговори за украинските територии без учество на Украина, ниту пак може да се зборува за безбедноста на Европа без самите Европејци. Тој побара Украина и европските лидери да бидат директно вклучени во сите идни мировни самити.

„Утре одиме во Вашингтон не само да го следиме претседателот Зеленски, туку и да ги браниме интересите на Европејците“, додаде Макрон.

Во однос на Русија, Макрон беше јасен: „Мислите ли дека претседателот Путин сака мир? Ако ме прашувате мене – не. Тој сака капитулација на Украина. Тоа е она што го предложи“.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, порача дека заедничкиот настап на Европа и САД е клучен за одржлив мир.

„Ако не се договори прекин на огнот, ЕУ и САД мора да го зголемат притисокот врз Русија“, напиша Кошта на платформата Х.