Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека „во следните недели или месеци“ има намера да ја посети Србија, каде што планира да ги финализира преговорите за воените договори, вклучително и договорот за продажба на авиони Рафал на Белград.
Како што пренесе Политика, Макрон рече дека имал „исклучително плоден“ разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ за „економски, одбранбени и енергетски прашања“ на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Велика Британија.
– Воените прашања се дел од нашата агенда. Во наредните недели или месеци ќе ја посетам Србија за да ги финализирам тие дискусии кои се предмет на технички, финансиски и политички преговори меѓу нашите земји, одговори Макрон на прес-конференција коментирајќи го статусот на договорот со Белград за набавка на француски борбени авиони Рафал.
Францускиот претседател ги окарактеризира односите меѓу Париз и Белград како „цврсти, чесни и структурни за двете земји и за целиот регион“.