Макрон: Не треба да се плашиме, Русија е средна сила со нуклеарно оружје

Францускиот претседател Емануел Макрон во разговорот објавен синоќа од Le Parisien повтори дека во одреден момент може да бидат потребни западни копнени операции во Украина.

„Не го сакам тоа и нема да покренам таква иницијатива, но можеби во одреден момент ќе бидат потребни операции на теренот, какви и да се тие, за да се спротивставиме на руските сили“, рече Макрон. „Силата на Франција е во тоа дека ние го можеме тоа“, додаде тој.

Еден ден претходно, францускиот претседател се сретна со германскиот канцелар Олаф Шолц и полскиот премиер Доналд Туск во Берлин.

Повторените изјави на Макрон дека не сака да ја исклучи можноста за испраќање копнени сили во Украина предизвикаа загриженост кај француските сојузници, пред се Германија, и речиси едногласно противење на француската опозиција.

Во интервју за Le Parisien, Макрон тврди дека нема несогласување со Берлин во овој поглед. „Нема стратешки разлики“, рече тој.

„Никогаш немаше никакво недоразбирање меѓу канцеларот и мене. Имаме многу блиски ставови за целите и ситуацијата. Се разликува начинот на кој ги изразуваме“, додаде тој.

„Германија има стратешка култура на голема претпазливост, неинтервенција и се држи настрана од нуклеарно оружје“, објасни тој. „Тоа е модел кој многу се разликува од моделот на Франција, која има нуклеарно оружје и ја зачува и зајакна професионалната армија“, рече тој.

Макрон рече дека ќе го посети Киев во наредните недели. Тој исто така нагласи дека помошта на Франција и Германија за Украина може да биде комплементарна.

„Германија троши повеќе од Франција, има повеќе буџетски простор, тоа е можност. А Франција, од друга страна, може да прави работи што Германија не може“, рече тој, а потоа ја релативизираше силата на Русија:

„Не треба да се плашиме, не се соочуваме со голема сила, Русија е средна сила со нуклеарно оружје, но нејзиниот БДП е помал од БДП на Европејците, помал од германскиот, помал од францускиот.