Претседателот на Франција – Емануел Макрон денеска изјави дека не сака да ги користи зборовите кои американскиот претседател Џо Бајден ги употреби за Владимир Путин, нарекувајќи го „касап“.
„Не би ги користел тие зборови“ – изјави Макрон за телевизијата „Франс 3“, додавајќи дека „мора да се направи сè за да се запре ескалацијата на ситуацијата“ и дека својата задача ја гледа како „да постигне прекин на огнот и потоа целосно да ги повлече руските војници“.
Францускиот претседател посочи дека „утре или задутре“ ќе разговара со рускиот претседател за да се организира операција за евакуација на цивилите од градот Мариупол, во источна Украина. Тој додаде дека евакуацијата треба да се изврши што е можно поскоро.
Вчера, додека беше во посета на бегалците од Украина, Бајден го нарече Путин „касап“.
Во говорот во Варшава, Бајден кажа дека Путин е „касап“ и дека „овој човек не може да остане на власт“.