Макрон: Нема да поднесам оставка без разлика на резултатот од француските избори

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека нема да поднесе оставка без разлика на исходот од претстојните парламентарни избори во Франција.

Макрон, кој најави распишување парламентарни избори по тешкиот пораз на неговата партија „Препород“ на изборите за Европскиот парламент во Франција и победата на крајнодесничарската партија Национален собир, рече дека „не е Националниот собир тој што го пишува Уставот. ”

-Институциите се јасни, како и местото на претседателот без разлика на резултатот, рече Макрон за француски Фигаро, пренесе Политико.

Францускиот претседател во неделата вечерта, веднаш по добивањето на првичните резултати од изборите за ЕП, го распушти францускиот Парламент и најави парламентарни избори за 30 јуни и 7 јули.