Макрон му рекол на Мицкоски дека ќе не поддржи, но да ги исполниме меѓународните обврски

Макрон, како што додаваат од Елисејската палата, му посочил на Мицкоски дека Франција ќе го поддржи евроинтегративниот пат на државава, но како што потенцирал, во согласност со нејзините меѓународни обврски.

Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон објави соопштение за неговата средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски на  самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта.

Како што информираа од Елисејската палата, Мицкоски и Макрон се согласиле за важноста од продлабочување на односите меѓу Франција и Северна Македонија, особено во однос на економската соработка во областа на енергетиката, здравството и транспортот.

Макрон, како што додаваат од Елисејската палата, му посочил на Мицкоски  дека Франција ќе го поддржи евроинтегративниот пат на државава, но како што потенцирал, во согласност со нејзините меѓународни обврски.

„Претседателот на Републиката ја потврди поддршката на Франција за европската траекторија на Северна Македонија. Тој посочи дека Франција ќе ги поддржи сите напори на Северна Македонија во оваа насока, во согласност со нејзините меѓународни обврски“, се наведува во соопштението на Елисејската палата.

Неофицијално Париз не седи со скрстени раце и сака да помогне да се одблокира сегашниот застој во нашите преговори, но решението не се бара во одлагање на уставните измени.