Српскиот претседател – Александар Вучиќ добил заедничко писмо од францускиот колега Емануел Макрон и канцеларот на Германија – Олаф Шолц, соопштија од кабинетот на Вучиќ, јавува агенцијата „Анадолија“.
„Ова заедничко писмо ви го испраќаме во момент од клучно значење за безбедноста на европскиот континент и стабилноста во регионот на Западен Балкан. Убедени сме дека, во светлината на руската агресија врз Украина, мора да вложиме уште посилни напори, за европската перспектива на земјите од Западен Балкан да стане реалност и да се решат долгорочните билатерални и регионални спорови. Целосната нормализација на односите меѓу Косово и Србија е од суштинско значење за Западен Балкан“ – се вели во писмото.
Двајцата високи државници со порака до српскиот шеф на државата да покаже максимална решителност и подготвеност за носење тешки одлуки, кои водат до напредок во дијалогот меѓу Косово и Србија.
„Неодамнешните тензии покажаа дека итно се потребни конструктивни чекори напред, како на практично, така и на политичко ниво. Затоа, ги задолживме нашите советници за надворешна и безбедносна политика, Јенс Плетнер и Емануел Боно, да му дадат директна поддршка на Мирослав Лајчак во неговите напори. Предлагаме нашите советници, заедно со Мирослав Лајчак, да ги посетат Косово и Србија, со цел да ги истражат можностите за брзо придвижување на процесот. Искрено се надеваме дека оваа иницијатива ќе наиде на ваш интерес и поддршка“ – стои во писмото.